Мерката „училишна кошничка“ заврши на 20 октомври и со неа се овозможи заштеда од 750 до 2.000 денари по ученик, рече денеска заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески.
– Со училишната кошничка намалувањето на цените на производите беше околу 20 до 50 отсто или во просек, од 25 до 30 проценти. Заштедата по ученик е од 750 до 2 000 денари. По завршувањето на есенската кошничка ќе излеземе со официјален податок колкава е заштедата на една просечна фамилија за основните прехранбени и земјоделски производи – рече Ристески.
Училишната кошничка беше воведена на 3 септември како економска мерка, а опфати школски чанти, прибори, тетратки, блокови, моливи и пенкала, гуми за бришење, фломастери и боици, острилки, линијари, шестари и хартија за фотокопирање, маркери, мрсни боици, акрилни, водени бои и четки, линеарни и дидактички материјали итн. Целта беше овие производи да се продават по прифатливи цени.
Есенската кошничка беше објавена на 20 септември, а ќе трае до 31 октомври. Со оваа мерка се намалени маржите на оризот, брашното, тестенините, маслото, млекото, јогургот, млечните производи, зеленчукот и овошјето.