Заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, денеска изјави дека секое распоредување на британски војници во Украина би значело објава на војна против Москва.
„Британскиот премиер Риши Сунак пристигна во Киев за да го потпише историскиот безбедносен договор. Како би реагирала западната јавност доколку британската делегација беше погодена од касетна муниција во центарот на Киев, како што им се случи со цивилите од нашиот Белгород “, напиша Медведев на Телеграм.
Тој додаде дека се надева оти „вечните непријатели на Русија, арогантните Британци, разбираат дека распоредувањето на нивниот официјален воен контингент во Украина ќе значи објава на војна против Русија“.
Сунак денеска е во посета на Украина, а неговиот кабинет соопшти дека Велика Британија ќе испрати 2,5 милијарди фунти воена помош.
Британскиот премиер денеска ќе потпише договор за безбедносна соработка со украинскиот претседател Володимир Зеленски, откако земјите-членки на Г7 се согласија да и дадат билатерални безбедносни гаранции на Украина на минатогодишниот самит на НАТО во Вилнус.