Секоја земја, која Русија ја оквалификувала како непријателска, поради поддршката и помошта на Украина, во кои спаѓа и Македонија, може да биде легитимна цел на нејзините воени сили, открива Дмитриј Медведев, заменик-шеф на Советот за безбедност на Русија во објава на својот канал на социјалната мрежа Телеграм.
Медведев додаде дека легитимни цели можат да бидат вооружените сили на други земји кои се сојузници на непријателите на Москва. Според него, прашањето за легитимните воени цели се толкува на различни начини низ историјата на човештвото, а различно се толкува и за време на актуелниот конфликт во Украина.
Како легитимни воени цели тој ги наведува:
1. Сите непријателски трупи (легални борци и нелегални борци) што не се официјално повлечени од своите вооружени сили.,
2. Секоја воена и помошна техника на противникот,
3. Сите објекти кои се однесуваат на воената инфраструктура и кои придонесуваат за реализација на воените цели (мостови, станици, патишта, енергетски објекти, фабрики и работилници кои вршат воени задачи),
4. Воено-политичкото раководство на непријателската земја,
5. Вооружените сили на другите земји кои официјално влегле во војната, а кои се сметаат за сојузници на непријателот, како и објекти лоцирани на територијата на непријателот.
Рускиот политичар додава дека највисоките претставници на земјите-членки на НАТО едногласно тврдат дека нивните земји не војуваат против Русија, иако, според него, сите добро разбираат дека работата е сосема поинаква.
„Меѓутоа, денес се поставува главното прашање – дали хибридната војна, која де факто и беше објавена на Русија од НАТО, може да се смета како влегување на Алијансата во конфликтот со Москва? Дополнително, се поставува прашањето дали испораката на огромна количина оружје за Украина може да се смета за напад врз Русија? И, се разбира, дали првите четири ставки се сметаат за легитимни воени цели кога станува збор за северноатлантскиот блок”, се прашува Медведев.