Медиумскиот магнат и енергетски тајкун Григориј Викторович Берјозкин, близок до рускиот претседател Владимир Путин, кој беше погоден од санкциите на Европската унија (ЕУ) поради руската агресија врз Украина, има хрватско државјанство, пишува денеска загрепски Вечерњи лист.
Тој е вториот човек со хрватско државјанство на консолидираната листа на ЕУ на лица чии финансиски средства се замрзнати, на која се наоѓа и пејачката и поранешна манекенка од Србија Александра Николиќ, која е во брак со рускиот богаташ Андреј Мељниченко.
Григориј Берјозкин е водечки руски претприемач, роден 1966 година во Москва, близок е со Путин, се наведува во образложението зошто меѓу санкционираните бил вклучен и овој Русин со руско и хрватско државјанство.
Тој е претседател на одборот на директори на ESN Group, компанија со приватен капитал со портфолио во различни индустрии, вклучувајќи ги медиумите, енергијата, инфраструктурата, ИТ и петрохемискиот сектор.
Тој е сопственик на голем број медиуми, вклучувајќи го и прорежимскиот таблоид Комсомолскаја правда, според Вечерњи лист.
Овој руски претприемач материјално ја поддржува, но и профитира од руската влада, која е одговорна за агресијата врз Украина и анексијата на Крим, пишува весникот.