Медиумската писменост значи критичко размислување

Lorita
By Lorita 3 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“ и Државниот испитен центар (ДИЦ) денеска потпишаа Меморандум за соработка за континуирано следење на зајакувањето на медиумската писменост кај учениците.

Соработката ќе овозможи анализирање на вештините на учениците од различни возрасти во областа на медиумската писменост и нивните способности аналитички и критички да ги примаат медиумските содржини.

– Потпишувањето на овој Меморандум ќе овозможи да се зајакне соработката меѓу Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“ и ДИЦ во процесот на следење на вештините на учениците во областа на медиумската писменост и користењето на критички пристап кон информациите – истакна Михајло Лахтов, директор на проектот.

Според него, градењето партнерства со националните институции одговорни за образованието е од клучно значење за одржливост на новините во образовниот систем кои се воведуваат со поддршка на овој проект и системско вклучување на медиумската писменост во образовниот процес.

Директорката на Државниот испитен центар Елизабета Наумовска рече дека медиумската писменост за нашата држава е особено важна и дека таа не значи само читање и пишување, туку многу повеќе, пред сѐ, анализирање и проценување на веродостојноста и квалитетот на различни текстови и мултимедиумски содржини, како и критичкото размислување, формирање и бранење ставови и решавање проблеми врз основа на проверени факти и докази.

– Посебно важно е да градиме капацитети кај нашите млади за критичко размислување. Државниот испитен центар во рамките на своите надлежности, меѓу другото, е задолжен за мерење на постигањата на учениците. Во меѓународните студии (ПИСА, ТИМСС, ПИРЛС) кои ги спроведуваме во земјава има прашања и задачи кои се поврзани со медиумската писменост. Исто така, и во државното тестирање се вклучени прашања и задачи поврзани со овие области, а се дел од наставните програми – рече Наумовска.

Целта на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“ е развивање вештини за медиумска писменост и критичко размислување кај младите преку формалното и неформалното образование. Проектот веќе потпиша Меморандум за соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, со што е воспоставена соработка за системско воведување на вештините и концептите на медиумската писменост и критичкиот пристап кон информациите во наставните програми за основните и средните училишта во државава.

Проектот „Младите размислуваат“ е спроведен од Меѓународниот одбор за истражување и размена (ИРЕКС) во соработка со локалните партнери – Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Младинскиот образовен форум, а финансиски е поддржан од УСАИД.

Share This Article