Одобрени се вработувања на неопределено време за 1.117 лица ангажирани во јавното здравство, информира министерот за здравство Фатмир Меџити, на заедничка прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски и министерот за финансии Фатмир Бесими.
– Инвестирањето во здравствени работници е еден од најважните сегменти, за иднината во јавното здравство. Клучно за креирањето на здравствените политики е решавање на статусот на лекарите, болничарите, техничарите, на медицинскиот и немедицинскиот кадар со трајно вработување. Денеска решаваме статус на 1.117 лица медицински персонал, помошно-технички персонал, хигиеничари и возачи, со одлука на Влада се отвора можност вработување на неопределено време во јавните здравствени установи. Средствата за одобрените вработувања на неопределено време се обезбедени во рамки на јавните здравствени установи и Фондот за здравствено осигурување – рече Меџити.
Тој најави дека и во наредниот период ќе се залага за инвестирање и во развој на човечкиот капитал во јавните здравствени установи.
– Ќе продолжиме со развој на примарната здравствена заштита, капитални инвестиции во изградба на нови и современи здравствени установи, како и инвестирање во обуки, едукација и развој на младиот медицински кадар во земјава. Единствено така ќе го подобриме и зјакнеме здравствениот систем во земјава – рече Меџити.