Постар човек се самозапали во близина на премиерската канцеларија во Токио во знак на протест против скапиот државен погреб на поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе, кој беше убиен во јули. Според првичните информации, мажот е свесен, но при инцидентот е повреден полицаец кој се обидел да го изгасне.
Постар човек се самозапали во близина на кабинетот на јапонскиот премиер во Токио во знак на протест против државниот погреб на убиениот поранешен премиер Шинзо Абе, објавија локалните медиуми. Од полицијата не сакаа да го потврдат инцидентот, но од владата само соопштија дека пред кабинетот на премиерот полицаец изгаснал човек кој се самозапалил изутрината.
Владиниот портпарол Хироказу Мацуно додаде дека мажот е пренесен во болница и дека полицијата ги истражува деталите, но одби да одговори на дополнителни прашања од новинарите.
Локалните медиуми јавија дека мажот бил свесен. Според телевизијата Асахи, тој на полицијата и рекол дека е против државен погреб на Абе. Во близина на човекот е пронајдена писмена порака во која тој го изразува своето силно противење на погребот. Се вели дека има околу 70 години, а во полиција изјавил дека се полил со гориво и се самозапалил.
Но, во инцидентот е повреден и полицаецот кој се обидел да го изгасне. До средината на утрото на местото на инцидентот остана само изгорена трева и грмушки, а во близина беа претставници на полицијата и медиумите.
67-годишниот Абе, поранешниот јапонски премиер со најдолг стаж, беше застрелан од поранешен припадник на јапонската морнарица во обид за атентат на 8 јули додека водеше кампања. На 27 септември ќе се одржи државен погреб финансиран од буџетот во негова чест. Државните погреби се ретки во Јапонија, така што одлуката на владата да го одржи е контроверзна. Последните анкети покажуваат дека повеќе од половина од јавноста му се спротивставува. За погребот од буџетот треба да се издвојат 1,7 милијарди јени (12 милиони евра).