Матурантите имаат доволно време да се подготват за испитите

Lorita
By Lorita 4 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

На испитите од државната матура нема да има прашања од наставниот материјал од времето на штрајкот во училиштата. Пријавени за матура во јуни се 15.899 кандидати. Учениците кои не ја положија проектната задача, за која законскиот рок беше 21 април, ќе имаат дополнителен период да ја положат до 19 мај кога, според календарот за наставни денови, завршува учебната година за матурантите.

Елизабета Наумовска, директорка на Државниот испитен центар (ДИЦ), за МИА изјави дека 1.598 ученици или нешто повеќе од 10 отсто од вкупниот број пријавени за матурата, останале без одбранета проектна задача поради штрајкот. Некои училишта ја организирале и за време на штрајкот, а некаде наставници во комисиите одбивале да организираат полагање на оваа задача која е дел од државната матура.

– Согласно календарот, матурантите учат до 19 мај, и во рамки на тој период ќе биде продолжен рокот односно училиштата во текот на наредната недела да организираат полагање на проектната задача – рече Наумовска.

Учениците кои завршуваат средно образование и оваа година ќе полагаат државна матура како и минатогодишната генерација, која се избори за два наместо три екстерни предмети и за скратени испитни програми.

Датумите за полагање на двата екстерни испита од учебната 2021/2022 година во јунската испитна сесија остануваат непроменети – на 4 јуни матурантите ќе бидат тестирани по мајчин јазик (македонски, албански или турски јазик и литература), а на 13 јуни ќе биде тестот по математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија или естетика.

– Освен за проектната задача, сите други рокови остануваат. Има доволно време и простор матурантите да се подготвуваат. И оваа година, како и лани, државна матура ќе полагаат по скратени испитни програми. Материјалот за испитни прашања е црпен од прва, втора, трета и четврта година до месец март и не го опфаќа овој период кога имало штрајк на наставниците. Од професорите кои во предметните комисии ги изготвија прашањата, ДИЦ доби уверување дека прашања од овој период, април-мај, нема. Тоа значи дека нема потреба ни за паника, ни за некакви барања и заговарања за укинување на матурата зашто тоа ќе значи неможност за влез во високото образование ниту во државава, ниту на странски универзитети – изјави Наумовска за МИА.

Нагласи дека секое пролонгирање ќе ги пролонгира и роковите за упис со што ќе им пропаднат шансите на кандидатите за студии во странство.

– Некои се условно примени во странство и треба околу 9 и 10 јули да достават диплома дека положиле матура за да бидат официјално примени. Меѓу нив има и деца кои примаат стипендии и штета би било да им го скратиме тој животен сон – додаде Наумовска.

За полагање државна матура во јунската испитна сесија се пријавиле 15.899 матуранти, од кои 7.135 се од гимназиско образование, 8.504 од стручно и 260 се ученици од уметничките училишта.

- Advertisement -
Ad image

Матурата во јуни 2021 ја полагаа околу 15.300 ученици. Средната оценка од двата екстерни испита беше 3.61 и подобра од претходната државна матура, во 2019 година, кога просечниот успех беше 3.48.

Државната матура во земјава се спроведува од 2007 година. На крајот на 2019/2020 првпат не беше организирана поради ковид-19, а на барањето на минатогодишните матуранти да им бидат олеснети условите, бројот на екстерни испити беше намален од три на два односно третиот екстерен беше спуштен на ранг на интерен испит.

Share This Article