Во изминатата деценија, бројот на матични лекари во земјата драстично опадна. Додека во 2014 година имало околу 1.800 матични лекари, денес нивната бројка е под 1.400. Овој пад сериозно го разнишува примарното здравство, кое е столб на здравствениот систем, предупредуваат од Здружението на приватни лекари на Република Македонија (ЗПЛРМ).
Според нив, затворањето на ординации претставува огромна загуба за државата, особено во руралните места каде жителите остануваат без основна здравствена заштита. Така, на пример, Богомила и Извор сè уште немаат лекар, додека недостигот на матични лекари е очигледен и во градовите Куманово, Велес и во Дебар.
– Младите лекари не сакаат да станат матични, што е застрашувачко за нашата држава. Речиси секој млад лекар што доаѓа кај нас гледа на примарното здравство како привремена опција за специјализација. Никој не сака да остане како основен столб на здравствениот систем – истакнува д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на ЗПЛРМ за Сител.
Здружението предупредува дека состојбата дополнително се влошува за лекарите со помал број пациенти, кои тешко можат да опстанат во сегашните услови.
– Доколку не се подобрат условите, ако не се обезбедат потребните апарати и не се намалат казните што малите приватни здравствени установи не можат да ги платат, бројот на матични ќе продолжи да опаѓа. Ќе останат само поголемите ординации во градовите кои имаат повеќе пациенти – додава Чолакова.
Финансиските проблеми, исто така, играат голема улога. Д-р Чолакова нагласува дека во последните 23 години капитацијата била зголемена само за 30 денари, што дополнително ја намалува атрактивноста на оваа професија за младите доктори.
Иако од Фондот за здравствено осигурување најавија зголемување на капитациониот бод напролет, деталите за оваа мерка сè уште се предмет на преговори со примарното здравство. Останува прашањето: ќе спречи ли ова празни ординации низ земјата?