Повеќе од 2.700 болнички лекари во Словачка масовно дадоа откази од работните места како дел од организираниот протест поради условите за работа, пренесе ДПА.
Синдикатот на лекарите ЛОЗ соопшти дека оваа бројка е повеќе од половина од болничките лекари во земјата.
Тие се подготвени да ги повлечат оказите само доколку Владата на Роберт Фицо исполни голем број барања, кои вклучуваат нова болничка опрема и ангажирање дополнителен персонал.
Досега не е постигнат договор со новиот словачки министер за здравство Ќамил Шашко.
– Очигледно, единствениот начин да се постигне нешто во словачкиот здравствен систем е да се поднесе оставка – изјави претседателот на ЛОЗ, Петер Висолајски.
Претходничката на Шашко, Зузана Долинкова, поднесе оставка од министерската позиција на почетокот на октомври, велејќи дека владата не прави доволно за да ја поддржи во зајакнувањето на финансиски изгладнетиот здравствен систем.
Најважниот поттик за масовните оставки, за што лекарите се закануваа со месеци, беше програмата за штедење објавена летото од страна на трипартиската влада на левичарскиот националистички премиер Роберт Фицо.
Со програмата се предвидува делумно повлекување на ветените покачувања на платите за лекарите и медицинските сестри.
Планот на владата да ги претвори болниците во акционерски друштва предизвика особено негодување кај синдикатот, кој стравува дека ова е чекор кон приватизација на болниците.