„Тоа што целиот медиум (Си-Ен-Ен) ја повторуваше истата лага со едните исти зборови е вознемирувачко. Легитимниве вести не само што се лажни, туку се и неоригинално лажни! Ако сакате да ја дознаете вистината, таа е на (мрежата) Икс“.
Вака напиша техномилијардерот Илон Маск, газдата на социјалната мрежа Икс на својот профил, коментирајќи го начинот на кој Си-Ен-Ен го опиша лапсусот на американскиот претседател Џо Бајден во претседателската дебата со неговиот противник Доналд Трамп.
На едно место во дуелот Бајден гледа во празно и се исклучува. Јавноста во САД со месеци се прашува за менталното здравје на Бајден. Неговото „смрзнување“ на дебатата со Трамп предизвика голема реакција кај неговите поддржувачи, но и во Демократската партија, а се погласни се повиците Бајден да ја предаде трката на друг кандидат, како Камала Харис, Гевин Њусом…
Но, коментаторите на Си-Ен-Ен како да го одбранија Бајден со зборовите:
– Ова е човек кој е паметен, ориентиран на деталите, фокусиран.
Друг коментатор на Си-Ен-Ен вели:
– Ова е некој знае како да ја игра играта.
Трет вели:
– Ова е многу остар претседател.
– Менталната будност му е одлична.
Илон Маск е познат по своите зајадливи и иронични коментари за американската политика, особено на политиките на Бајден. Подоцна, тој му одговори на јутјуберот Фарзад Месбахи, кој напиша:
„Тоа што цела Америка го гледа когнитивниот пад на Бајден на дебатата се чувствува како една од најобединувачките работи што оваа земја ги доживеала долго, долго време“.
На ова Маск му одговори:
„Навистина, за прв пат гледам дека републиканците и демократите се согласуваат за нешто по долго време“.
До одговорот Маск иронично стави емоџи со солзи радосници.