Сопственикот на Tesla, Илон Маск, призна дека „не е сигурен“ дека неговата понуда да го преземе Twitter ќе биде успешна.
Неколку часа пред да го објави ова, Маск откри дека понудил да го купи Твитер за 54,20 долари по акција, проценувајќи ја компанијата на 41 милијарда долари, пренесува Би-би-си.
Доколку неговата понуда за Твитер биде одбиена, Маск има „план Б“, но не соопшти детали што би можело да значи тоа.
Маск оцени дека Твитер треба да биде поотворен и потранспарентен и дека е многу важно да постои инклузивна арена за слобода на говор.
Во официјалното поднесување до американските регулатори, Маск рече дека тој е вистинската личност да го „отклучи извонредниот потенцијал на компанијата“.
Саудискиот принц Алвалид бин Талал, кој исто така поседува акции на Твитер, ја одби понудата на Маск.
Талал рече дека не верува оти понудата на Маск се приближува до „суштинската вредност на Твитер, со оглед на неговите изгледи за раст“.
Маск поседува повеќе од девет отсто од платформата, но повеќе не е нејзин најголем акционер, бидејќи компанијата за управување со средства Vanguard Group на почетокот на април откри дека нејзините фондови сега поседуваат 10,3 отсто од акциите.