Железничкиот сообраќај во Германија е речиси целосно прекинат поради еднодневен штрајк на машиновозачите, а само мал број возови сообраќаат со вонреден возен ред. Покрај меѓуградскиот и меѓународниот железнички сообраќај, погоден е и локалниот и градскиот железнички систем, кој е дел од концернот на Германските железници (ДБ).
Синдикатот на германските машиновозачи (ГДЛ) ги покани своите членови на еднодневен предупредувачки штрајк од среда до четврток навечер, со намера да го зголеми притисокот врз раководството на ДБ пред почетокот на преговорите што требаше да започнат во петок.
Раководството на ДБ го осуди штрајкот како „целосно неоснован“ и како мерка која е на штета на милиони патници. ДБ го откажа почетокот на преговорите за зголемување на платите поради одлуката на ГДЛ да ги повика своите членови на штрајк.
Шефот на Синдикатот на германските машиновозачи, Клаус Веселски, оспоруван поради неговата агресивна политика и честите повици за штрајк, овој протест кој беше сосема неочекуван, го оправда со „ неподготвеност на ДБ“ да го прифати барањето на ГДЛ.
Синдикатот на машиновозачите бара од ДБ повисока плата за 555 евра, премија за ублажување на инфлацијата и намалување на работната недела од 38 на 35 часа.
ДБ се согласува со условите на ГДЛ за зголемување на платите, но одбива да ја скрати работната недела. Бруто платите на машиновозачите, во зависност од сојузната покраина, се движат меѓу 3.500 и 4.500 евра.
Дел од аналитичарите во Германија предупредуваат дека редовните конфликти меѓу ГДЛ и ДБ, кои траат со години и поради кои, по правило, најмногу страдаат патниците, се за борба за превласт меѓу синдикатите на вработените во железницата.
ГДЛ, кој има малку членови и стравува за своето постоење, е во конкурентски односи со многу поголемиот синдикат ЕВГ, со кој по правило ДБ нема проблеми во преговорите, па затоа сака да се профилира со агресивни потези како ненајавен штрајк.