Марко Кавалери, задолжен за вакциналната стратегија во ЕМА, денеска порача дека е важно луѓето да продолжат да се вакцинираат против ковид во пресрет на зимата, јави дописничката на МИА од Брисел.
Засега ситуацијата со ковид-19 во Европа е стабилна, а сојот омикрон БА5 сѐ уште е најзастапен кај заразените, информираше Европската агенција за лекови, ЕМА.
Иако трендот на инфекции се намалува во сите земји на ЕУ, болеста сѐ уште е присутна.
– ЕМА врши мониторинг за подобро да го разбереме бранот, екстремно тешко е да се прават предвидувања, вирусот продолжува да мутира многу брзо, мора да ги следиме новите мутации – рече Марко Кавалери од ЕМА, истакнувајќи дека од многу блиску се следи новиот сој што се појави во Индија, БА75.
ЕМА уште еднаш повика да се продолжи со вакцинација и ревакцинација на населението, приоритетно за најранливите категории на граѓани, како постарите луѓе, имунокомпромитираните, лицата со коморбидитети и бремените жени, како и дека сите треба да ги следат препораките на нивните национални власти во однос на вакцинацијата.
Во овој контекст, ЕМА ги следи и трендовите на новите апдејтирани вакцини против Ковид-19, неодамна одобрени во ЕУ. Ефикасноста, велат од Агенцијата, е убедлива, но сѐ уште се потребни докази во реалниот свет за да се знае која вакцина е најефикасна за кого.
Апдејтираните вакцини кои го инкорпорираат сојот омикрон даваат силен имунолошки одговор, а во некои случаи се поефикасни од првичните вакцини.
За лицата кои сѐ уште не се воопшто вакцинирани, најверојатно во ЕУ ќе се добие една од првичните вакцините, а за бустер дозата можно е да се добие апдејтирана, сепак тоа останува одлука на националните здравствени власти, рече Кавалиери.
– Не исклучуваме да се појават нови соеви блиски до БА5, или комплетно нов сој, не можеме да предвидиме, важно е да се имаат апдејтираните вакцини, за земјите членки да имаат повеќебројни опции кога ги кројат нивните вакцинални стратегии – рече Марко Кавалиери.