Марјан Доказ бара изземање на обвинителот Рајчев поради судир на интереси

Lorita
By Lorita 3 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Сопственикот на порталот ДоказМ, Марјан Стаменковски, на денешната јавна седница во Апелациониот суд Скопје, побара изземање на јавниот обвинител Сашо Рајчев од постапката.

Според обвинетиот, јавниот обвинител Рајчев соработувал со него на дел од предметите за коишто му се суди.

– Барам да се изземе почитуваниот обвинител поради судир на интереси, бидејќи, според мои сигурни информации, лицето Сашо Рајчев има праќано информации коишто се дел од предметите за што ме судите, но и за предмети за кои претседателот на Вишото јавно обвинителство, Мустафа Хајрулахи, има барано извинување од мене, но и за други предмети – рече обвинетиот.

Јавниот обвинител Рајчев ги негираше овие трврдења како невистина.

– Во поглед на искажаното барање, со оглед дека претставува законски основ за поднесување тужба за клевета, ќе наведам дека обвинетиот ниту го знам, ниту го познавам, ниту некогаш сме комуницирале со него на кој било начин и денеска искажаните наводи во целост се невистина. Воедно ќе кажам и тоа дека ниту сум го читал порталот преку кој објавувал текстови, за кои денеска е обвинет, со оглед да немам профили на социјалните мрежи, ниту сум го следел на друг начин – изјави Рајчев.

Тој дополни дека согласно Законот за кривична постапка, по поднесено барање за изземање на јавен обвинител од определено обвинителство, одлучува претпоставениот, односно раководителот на тоа обвинителство.

– По денеска изнесеното барање за изземање да постапувам по овој предмет ќе биде одлучено согласно законот – рече обвинителот.

Јавната седница е прекината до 13:30 часот за да се одлучи по барањето за изземање на јавниот обвинител Рајчев.

На Марјан Стаменковски, сопственик на порталот ДоказМ, Основниот кривичен суд Скопје му изрече затворска казна во траење од 3 години и еден месец.

- Advertisement -
Ad image

Стаменковски се товари за пет кривични дела, односно за две дела ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и за злоупотреба на лични податоци.

Освен затворската, на Стаменковски му беше изречена и парична казна од 5 000 евра заради злоупотреба на лични податоци како и забрана за вршење професија или дејност поврзана со кривичните дела, односно му се забранува регистрација на домен за портал за период од 10 години, а му престанува регистрацијата на домените коишто ги регистрирал.

При претрес на домот на сега осудениот, полицијата заплени документација, електронски уреди и 90.000 евра. За овие пари, Обвинителството се сомнева дека потекнуваат од други кривични дела и за нив е отворена нова истражна постапка.

- Advertisement -
Ad image
Share This Article