Спорните имиња и називи на граѓански организации можно е да се спречуваат со нов закон за здруженија и фондации, оценува Бојан Маричиќ, поранешен министер за правда, сега вицепремиер за европски прашања и секретар за меѓународна соработка на СДСМ. Сегашната состојбата, според Маричиќ, доаѓа поради тоа што имаме еден од најлибералните закони во Европа за регистрација на Здруженија.
– Навистина неселективно се регистрираа здруженија и тоа во праксата покажува извесни проблеми. Имаше еден случај, има и други такви случаи. Иако ние сме се одлучиле за најлиберална регистрација затоа што минатото сме имале и случаи пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур каде што имаме изгубено како држава. Факт е дека има потреба од креирање на таков регистар бидејќи нели ограничувањето на слободата на здружувања се јасно дефинирани и тие имаат определени граници и таа гарантирана со Уставот. Кај нас е слободата на здружувањето гарантирана со Уставот – истакна Маричиќ.
Тој вели дека има информации дека се подготвува нов закон.
– Министерот Тупанчевски е најрелевантен да го каже тоа, но според моите информации се подготвува нов закон за здруженија и фондации врз основа на кој ќе треба да се направи и таков регистар кој што ќе, или генерички ќе објасни каков тип на имиња не би биле дозволени на здруженијата, каков тип на називите, или пак точно кои поединечно ќе ги наброи кои називи не се дозволени. Мислам дека тоа е потребно секако. Тоа не смее да значи и не може да значи ускратување на било чие право. Исто така треба да се има предвид и јавниот интерес и она што може да ја вознемири јавноста или би одело против принципите на демократијата, слободата и демокрастскиот систем кој е воведен кај нас во Северна Македонија со Уставот – истакна Маричиќ од Тетово, каде се приклучи на предизборната кампања со кандидатите за советници.