Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во „Само интервју“ на Канал 5 рече дека е жалосно што дозволиле, пред сè под влијание на опозициската коалиција ВМРО-ДПМНЕ и Левица, прашањето за почеток на преговори со ЕУ биде практично прашање на некаква битка помеѓу нас и Бугарија и практично вербална, но и тензична атмосфера меѓу нас и Бугарија.
– Како да е битката кој да победи, ние како Северна Македонија или Бугарија. Мислам дека за жал се злоупотреби целата оваа ситуација, затоа што точно е дека имаме билатерален спор, бевме доведени во една незгодна ситуација, меѓутоа суштината на овој процес, а тоа го кажа и претседателката на Европската комисија која се обрати денеска во нашето Собрание, е дека ни се отвора вратата којашто 17 години беше затворена – кажа Маричиќ во интервјуто.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ објасни дека првиот Протокол, којшто отиде во бугарскиот Парламент беше далеку од конечна верзија и тој текст што отиде таму до тој што ќе излезе ќе биде прилично различен затоа што се разговараше и преговараше меѓувреме.
– Тој Протокол е записник од средба којашто сè уште не се случила и треба да се случи овие денови зависно од исходот во нашето Собрание како ќе биде изгласан и во него се практично покриени оние точки 4+1 кои за коишто се зборува долго – истакна Маричиќ, додавајќи дека во тој документ има еден голем дел каде што се презентираат резултатите од работата на оние работни групи што се изработија изминатите 6 месеци.