Договорот за пријателство и добрососедство има свои инструменти на функционирање. Историската комисија е дел од тој договор, исто така и овие протоколи. Тоа е билатерално прашање меѓу нас и Бугарија. Тој протокол не може да биде услов во преговорите, ниту да биде спомнат во преговарачката рамка, порача вицепремиерот за еворинтеграции Бојан Маричиќ вечерва во гостување на ТВ Телма.
Во однос на бугарското барање да се вклучи референца за протоколите кои произлегуваат од Договорот за пријателство и добрососедство во преговарачката рамка, како и за потпишување на билатералниот протокол составен од историски, образовни услови и идентитетски прашања, како што бил преговаран и усогласен меѓу двете министерства за надворешни работи, вицепремиерот Маричиќ тврди дека не е усогласен текстот на протоколот, не е договорен и не е потпишан, и оти сѐ уште отворени прашања за кои мора да се разговара.
– Рамката е документ што го зацртува патот за наредните 10 години или колку и да се, како ќе изгледа текот на преговорите со ЕУ и е основа за договорот за пристапување кон ЕУ. Меѓу секоја меѓувладина конференција има услови секогаш, во сите преговори. Во однос на ова, ние не велиме да нема услови помеѓу, тоа ќе има по сите основи. Битно е ние да ги почнеме преговорите. Моментот кога ќе ги почнеме преговорите, го започнуваме скрининг процесот, значи аналитички анализа на нашето законодавство и практики, во однос на практиките и законодавството на ЕУ – појасни Маричиќ.
Тој нагласи дека за нас било важно првата меѓувладина конференција да не биде симболична туку да означува реален почеток на преговорите.
– Доколку тоа се случи ние можеме понатаму да разгледуваме кога и како и во кој рок може да се извршат уставните измени. Нашиот став од самиот почеток беше дека тие измени се возможни и можат да се направат до крајот на заклучувањето на преговорите – изјави Маричиќ.
Вицепремиерот додаде дека македонската страна ќе инсистира позициите што веќе ги изнесе да бидат вградени во преговарачката рамка.
– Денеска не сме добиле нов француски предлог или нацрт предлог, туку бугарското Собрание изгласа декларација во која ги реафирмира своите ставови. Ние ги изнесовме своите ставови на самитот вчера и доколку успее врз основа на тие изнесени позиции француската Влада, претседателот и француското претседателство со ЕУ да предложи нов поинаков предлог, ние ќе бидеме подготвени да го разгледаме и да видиме дали нашите позиции и црвени линии, дали се внесени и задоволени, за да можеме да разговараме. Ќе инсистираме, на позициите кои ги изнесовме да бидат вградени во целиот пакет и во преговарачката рамка и во заклучоците, за да бидат прифатливи и кај нас – истакна Маричиќ.
Тој потенцира дека целта не е да правиме непријатели, што не значи дека секогаш ќе се согласуваме со нив, во однос на реакциите кои ги предизвика францускиот предлог.
– Ние имаме двоен интерес во целата работа. Имаме интерес да го зачуваме нашиот идентитет и јазик и достоинствено да влеземе во преговорите со ЕУ и од друга страна имаме интерес да ги почнеме преговорите за членство во ЕУ, цел која ни е зацртана од 1992-та година и е наша стратешка цел – наведе Маричиќ.
Тој рече дека не може да го толкува премиерот Димитар Ковачевски во врска со неговата изјава дека има одредени експерти во државата кои создаваат хистерија заради некои трети земји.
Факт е, рече, дека постоеја луѓе, поранешни политичари, луѓе кои се заинтересирани за овој процес, кои или погрешно ги информираа или намерно креваа тензија, дел од политичките партии или медиумите.
Многу поважно за државата, смета вицепремиерот за евроинтеграции, е да се даде поддршка во преговорите на Владата која има рамка за ставовите и позициите, отколку да се праќаат патетични СМС пораки на министри за надворешни работи низ Европа во која ќе ги повикуваме да го одбијат предлогот.
Имаме многу сојузници
Можам да изразам жалење што не сите фактори во Европската Унија, во Брисел и во Бугарија беа со добри и искрени намери кон нас и тоа ќе се покаже со текот на времето. Но, можам да ве уверам дека имаме многу сојузници што имаат разбирање за нашата позиција, вели вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.
Маричиќ нагласи дека сериозен број земји кои преговарале за членство изразиле поддршка кон Северна Македонија, особено земји кои преговарале пред 20-тина години и знаат како изгледал тој процес.
Тој додаде дека овие земји навистина укажале оти дел од овие работи имаат смисла и треба да се ослободи преговарачката рамка од некои работи.
Вицепремиерот за европски прашања меѓу другото истакна и дека во кој било момент може да се случи да падне ветото, но оти пред што било да се случи тој предлог ќе биде разгледан во Владата, заедно со коалициските партнери, опозицијата и претседателот на државата.
– Што и да се донесе, ќе отиде во сите овие институции, ќе бидат поминати сите овие адреси и на крај ќе се донесе одлуката што е најдобра за државата. Каков предлог и да дојде ние нема да направиме ништо без да се консултираме со нив – заклучи вицепремиерот Маричиќ.