Почитувани,
Од отворањето на преговорите детално работевме на процесот на Скрининг кој денес, се завршува успешно, овде во Брисел.
Скрининг процесот се одвиваше 15 месеци, приближно 100 дена, со ангажирање на преку 1000 учесници и подготовка на 850 динамични презентации низ 206 различни институции. Сериозна работа која е доказ за колективната посветеност на администрацијата и граѓаните за членство во ЕУ.
Овој длабински процес ја нагласува нашата посветеност темелно внатрешно подобрување и сеопфатно усогласување со европските стандарди, покажувајќи ја нашата решителност и сериозност.
До крајот на годината ќе ги доставиме клучните документи кои се наша обврска која произлегува од Преговарачката рамка за пристапување на Република Северна Македонија во членство во Европската Унија, која што е усвоена на 19 јули 2022 година. А тоа се Патоказот за владеење на правото, Патоказот за реформа на јавната администрација, како и Акцискиот план за заштита и унапредување на правата на припадниците на малцинствата и заедниците.
Воедно, ја очекуваме дискусијата на Европскиот совет за време на состанокот иднатата недела на 14 и 15 декември, како и заклучоците од овој Совет. Имајќи ја предвид нашата посветеност и напорите да станеме полноправна членка на ЕУ, очекувам да добиеме препорака да продолжиме со втората Меѓувладина конференција.
Со ова, секој следен чекор во процесот на пристапување на нашата земја во Европската Унија, како и динамиката на преговори, ќе зависи само од нас, од донесување на уставните измени.
Се наоѓаме на клучна точка во својата историја која ќе го трансформира македонското општество. Ова е еден историски момент за Северна Македонија, за Западен Балкан и за Европската Унија.
Оваа шанса мораме да ја искористиме без дилема, без грижи и без страв, туку со уверување дека и тоа како ќе придонесе за просперитет на државата и граѓаните.
Одложувањето или блокирањето на процесот на преговори и членство на Северна Македонија во ЕУ претставува опасност за нашите реформи и за нашиот развој.
Уверен сум дека со мнозинството македонски граѓани кои сакаат да ја видат Република Северна Македонија во Европската Унија во 2030 година заедно ќе успееме. Ајде заедно да ги надминеме пречките и да ја обезбедиме европската иднина за сегашните и идните генерации.
Ви благодарам.