Министерот за финансии Синиша Мали изјави дека во аранжманот со Меѓународниот монетарен фонд јасно стои дека нема потреба од поскапување на струјата и гасот следната година.
На прес-конференција во Народната банка на Србија, Мали рече дека акцентот ќе биде ставен на реструктуирањето на Електропривреда Србија, без индиции за поскапување на струјата.
Она што не загрижува е тој посебен данок за транзит на гас преку Бугарија, рече Мали.
Мали посочи дека ММФ констатирал дека економијата е стабилна и дека се во буџетот е реално и ќе се исполни, пред се во однос на зголемувањето на платите, пензиите и минималните плати.
Мали пренесе и дека предлогот на ММФ е да се намали нивото на ангажман со Фондот, односно да се направи аранжман како мерка на претпазливост, бидејќи нема никакви предизвици што ги имаше минатата година со енергетската криза.
Годинава, рече тој, растот на БДП ќе биде 2,5 проценти, додека проекциите за следната година се 3,5 проценти.
Дефицитот ќе биде 2,8 отсто, иако планот беше 3,3 отсто, рече Мали и наведе дека ова е одговорна економска политика.
Следната година проекциите се дека тој ќе биде 2,2 отсто, рече Мали, додавајќи дека ММФ го пофали јавниот долг на Србија кој до крајот на годината ќе биде 52 отсто од БДП.
Имаме пет милијарди евра на сметка, никогаш поголеми девизни резерви, а ликвидноста им дава доверба на граѓаните дека државата ќе има на што да реагира, рече тој.
Мали потсети дека од утре почнува исплатата на зголемените пензии за 5,5 отсто, додека од 1 јануари ќе има ново зголемување, па просечната пензија ќе изнесува 390 евра.
До крајот на мандатот на идната влада, во 2027 година, рече Мали, просечната пензија ќе биде 650 евра, а просечната плата 1.400 евра.
Мали најави и дека неоданочениот дел од заработката ќе се зголеми на 25.000 динари.
Ќе се исплати еднократна помош од 10.000 динари за примателите на социјална помош, како и 20.000 динари за пензионерите, соопшти Мали.
Табаковиќ: Соработка меѓу НБС и Министерството за финансии – два крака на една држава
Табаковиќ на прес-конференцијата рече дека од финансискиот аранжман се повлечени 1,18 милијарди евра и дека планот е по третата ревизија да се разговара за премин од финансиски аранжман во аранжман за претпазливост.
Имаше план да се повлечат околу 300 милиони по втората ревизија, оваа за која зборуваме, но тоа не е потребно, додаде таа и посочи дека овие пари ќе бидат достапни, но нема да се повлечат.
Табаковиќ изјави дека главен инструмент за стабилни државни резултати е усогласувањето на монетарната и фискалната политика „и се што прави претседателот Александар Вучиќ“.
Таа потсети дека мисијата на ММФ била во Србија за да разговара за втората ревизија, која била успешна, што Управниот одбор ќе ја потврди во втората половина на декември, а потоа го прочитал соопштението на Фондот во кое се констатира отворена и конструктивна соработка на Србија.
Табаковиќ рече дека Србија има 24 милијарди евра бруто девизни резерви, 39 тони злато во касата на српската држава, стабилен курс и дека не се дозволени „прелевачки ефекти од инфлацијата“.
Верувам, додаде таа, во одржливоста на надолната траекторија на инфлацијата во октомври, која влегува во едноцифрена зона.
Ние сме двата крака на една држава Србија, работиме заедно и ќе продолжиме да го правиме тоа, рече Табаковиќ за соработката меѓу Народната банка на Србија и Министерството за финансии.
Заштедата во динари изнесува 120 милијарди динари, тоа е доказ за вербата во сопствената валута и државата и централната банка, рече Табаковиќ.
Србија ги отплаќа обврските за еден ден, а тоа го прави затоа што се грижи за секој динар, рече Табаковиќ и најави дека повеќе нема да се земаат пари од ММФ.