Францускиот претседател Емануел Макрон побара од поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, да контактира со рускиот претседател Владимир Путин, патријархот на Руската православна црква Кирил и американскиот претседател Џо Бајден со цел да го поттикне мировниот процес во Украина.
– Го охрабрив папата Франциск да ги покани Владимир Путин и московскиот патријарх Кирил, но и Џо Бајден – изјави Макрон за францускиот весник „Ле Поинт” по средбата со Папата во Ватикан.
Макрон рече дека е потребно и САД да седнат на маса за да го промовираат мировниот процес во Украина.
Тој додаде дека Бајден има однос на доверба со Франциск и дека Папата може да влијае врз него за САД да бидат повеќе вклучени во изнаоѓање мирно решение во Украина.
Во понеделникот францускиот претседател се сретна со Папата во Ватикан и тоа беше нивна трета средба од доаѓањето на Макрон на чело на државата во мај 2017 година.