Француската премиерка Елизабет Борн поднесе оставка, која беше прифатена од претседателот Емануел Макрон, соопштија од неговиот кабинет.
Макрон не одреди кој ќе го наследи Борн на таа позиција.
Промената на премиерката доаѓа по една година политичка криза во земјата, поради спорната реформа на пензискиот систем и поради законот за имиграција.
Емануел Макрон ѝ се заблагодари на Борн на Твитер.
Елизабет Борн ја презеде функцијата во мај 2022 година, откако Макрон беше избран за претседател по втор пат. Таа беше втората премиерка во историјата на Франција.
Анкетите покажуваат дека партијата на Макрон заостанува зад лидерката на екстремната десница Марин Ле Пен за околу 8 до 10 поени пред гласањето во јуни.
Кој би можел да биде новиот премиер?
Шпекулациите за реконструкција на владата се проширија неколку недели по усвојувањето на построгите правила за имиграција со тесно мнозинство во парламентот. Тие ги разоткрија длабоките пукнатини во центристичкото мнозинство на Макрон.
Меѓу оние кои се сметаат за потенцијални кандидати за наследници на премиерката Борн се 34-годишниот министер за образование Габриел Атал и 37-годишниот министер за одбрана Себастијан Лекорну. Кој и да биде од нив двајцата, секако ќе биде најмладиот француски премиер до сега.
Како можни опции аналитичарите ги споменаа и министерот за финансии Бруно Ле Мер и поранешниот министер за земјоделство Жилијен Денорманди.
Промената на премиерот нема нужно да доведе до промена на политичкиот пристап, туку напротив, ќе сигнализира желба за оддалечување од пензиските и од имиграциските реформи и фокусирање на нови приоритети, вклучително и постигнување целосна вработеност.