Владата на денешната седница, по предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го прифати новиот Закон за вино, кој во целост е усогласен со одредбите на европското законодавство.
Овој нов предлог закон за вино е на страна на лозарите и решава уште еден нивен проблем, а тоа е откупната цена. Со новиот закон за вино, за првпат, ќе се утврдува производната цена на винско грозје по килограм, најдоцна до 15 јули во тековната година и тоа за најмалку две најзастапени сорти. Пресметката на трошоците за производство на килограм винско грозје на определена површина и соодветен квалитет, согласно дадена методологија, предвидено е да ја врши високо образовна или научна институција од областа во земјоделството.
Со новиот закон за вино се предвидува заштита на национално и меѓународно ниво со заштитена ознака за потекло или заштитена географска ознака. Традиционалниот назив на виното на национално и меѓународно ниво се заштитува со традиционална ознака.
Можеби ќе ве интересира
ПОВЕЌЕ ОД 2.000 ПРОИЗВОДИ НА САЕМОТ „ВКУСИ ЈА ТРАДИЦИЈАТА“…
Плусинфо 07/10/2023
ТРОШОЦИТЕ ПОРАСНАА, А ГРОЗЈЕТО СЕ ОТКУПУВА ПО ЛАНСКИ ЦЕНИ…
МИА 05/09/2023
Вината со географска ознака ќе треба да исполнуваат одредени барања во однос на квалитет или географски карактеристики, односно да бидат произведени од грозје кое потекнува исклучиво или во најголем дел од дефинираното географско подрачје и производството на вино се одвива во дефинираното географско подрачје.
Во насока на заштита на географските индикации на виното областите погодни за производство на вино во законот се делат на региони и реони, и виногорја, локалитети, месности.
Производството на вино со географска ознака ќе биде следено од сертификациони тела, кој ќе го верифицираат процесот во сите фази почнувајќи од самиот почеток на производство на грозје, до производство на вино со географска ознака. Сите заштитени ознаки на потекло и нивните корисници ќе бидат регистрирани во соодветен регистар во МЗШВ.
Во подготовката на новиот закон за вино Министерството посветено работеше во консултација со земјоделците, винариите, научната јавност и земјоделските здруженија. Новиот закон за вино има за цел уште поголем развој на овој значаен сектор, зголемен извоз на македонско вино и уште повисоко позиционирање на винската мапа, како и поголема сигурност за лозарите.