Македонските репрезентативци, кои синоќа ја израдуваа нацијата со победа над европскиот шампион Италија, штотуку пристигнаа на аеродромот во Скопје. Фубалерите повторно се херои на нацијата, откако синоќа во Палермо направија голем подвиг со победата над Италија и сега сме на само 90 минути од пласман на Светското првенство.
Синоќа се славеше до доцна во ноќта победата на Македонија, а сега репрезентативците ќе се упатат на плоштадот во Скопје каде ќе бидат поздравени од фановите.
Вакви победи остануваат запишани во историјата
Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Стефан Ристовски изјави вечерва по пристигнувањето на експедицијата од Палермо дека победата над Италија во полуфиналето од мундијалскиот бараж ќе остане запаметена во колективната меморија.
– Сè уште сме под еуфорија. Вакви големи победи за овој народ засекогаш ќе останат запаметени, изјави македонскиот капитен, најавувајќи дека пред неговите репрезентативни колеги следува прослава со навивачи и малку одмор, а веќе од утре подготовки за гостувањето во Порто.
Капитенот рече дека успешните резултати на репрезентацијата се заслуга на сите, но притоа особено ја истакна улогата на помладите во тимот.
– Среќен сум бидејќи во тимот имаме млади играчи, кои го даваат својот максимум и со нивна помош постигнуваме вакви големи резултати, додаде Стефан Ристовски.
Би сакал и Португалија да нѐ потцени како Италијанците
Александар Трајковски беше човекот кој со гол во 92. минута ја израдува целата Македонија, а ја заледи Италија и полните трибини со домашни навивачи на „Ренцо Барбера“. Неизмерна беше радоста кај крилниот играч по погодокот вреден историски триумф и пласман во финалето во баражот за СП 2022.
– Искрено, најмногу сум среќен што дојдовме до оваа победа затоа што знам што значи за целата Македонија, а дури потоа за голот кој го дадов на терен на кој минав четири години. Се заврши добро за нас, се погоди таа 92. минута со последната сила да го дадам тој гол и да донесам радост барем сега да уживаме во овој момент, затоа што чека уште еден меч. Сега уживаме, а по наредната средба ќе видиме. Ние ќе го дадеме максимумот со Португалија. Имав тројца играчи пред мене и од почетокот мислев дека топката ќе оди надвор, меѓутоа видов дека дадов гол и не ми се веруваше. Потоа и судиите гледаа ВАР, но јас знаев дека топката не ме удри во рака и беше еден многу убав момент за сите нас. Имаме четири дена да се одмориме и да собереме сили за следниот меч во Португалија, колку што можеме поодморени и подготвени на тактички план да влеземе во него. Би сакал и Португалија да нѐ потцени како Италијанците. Сега сите видоа дека сме репрезентација која може да игра со сите селекции. Но, не верувам дека противникот ќе не потцени овој пат – изјави Трајковски.
фото: МИА