Градоначалникот Кирил Пецаков денеска ги прими петмината карате репрезентативци, Анастасија Смилевска, Дамјан Митревски, Козма Митревски, Тамара Ѓурчиноска и Сара Цикуш од КБС ,,КУНСУТО”-Охрид кои го освојуваат врвот на националните првенства и обезбедуваат учество во големите меѓународни карате сцени.
На надежните млади спортисти градоначалникот им посака понатамошни успеси посочувајќи дека локалната власт во рамки на своите ингеренции ќе ги поддржува и следи нивните успеси.
Охридските репрезентативци на Македонија, Анастасија Смилевска и Дамјан Митревски учествуваа на Светското првенство за кадети, јуниори и У21 кое се оддржа на 09-13.10.2024 година во Венеција, Италија.
Тамара Ѓурчиноска учествуваше на Медитеранското првенство кое се оддржа во периодот од 20-22.09.2024 година во Олбиа, Сардинија, Италија.
На Балканско Првенство за кадети, јуниори и У21 кое се оддржа во периодот од 08-10.11.2024 година во Сараево-Босна и Херцеговина учествуваа охридските репрезентативци: Анастасија Смилевска, Козма Митревски, Дамјан Митревски, Тамара Ѓурчиноска и Сара Цикуш, при што Дамјан Митревски стана Балкански вицешампион освојувајќи го второто место во категорија кадети борби -52 кг, а Анастасија Смилевска како дел од екипата кадетки го освоија 5-тото место.
Анастасија Смилевска, освојувајќи го првото место на Плеј-оф турнирот за кадети, јуниори и У21 обезбеди учество на Европското првенство за кадети, јуниори и У21 кое ќе се оддржи во периодот од 07-09.02.2024 година во Бјалско-Бјала-Полска.
Селекцијата за избор во карате репрезентација на Македонија и обезбедување на учество на Балканско, Медитеранско, Европско и Светско превенство е процес кој започнува со постигнување на резултат од прво до трето место на државно првенство на Македонија, а продолжува преку плеј-оф турнири на кои од прво до трето пласираните се натпреваруваат меѓусебно и само прво пласираниот обезбедува учество на Светско или на Европско Првенство. За учество на Балканското првенство се избираат од прво до петто пласираниот на државното првенство, а за учество на Медитеранско првенство се избираат од прво до трето пласираниот на државното изборно првенство.