Македонскиот режисер Милчо Манчевски ќе биде двојно чествуван на „Софија филм фест” (СФФ). Ќе биде претставена целосна ретроспектива на неговото творештвото – седум долгометражни филмови и два од краткометражните, а ќе биде и претседател на меѓународното жири на 27. издание на „Софија филм фест” што ќе се одржи во престлнината на Бугарија од 16 до 26 март 2023 година.
Во рамките на „Софија филм фест”, како што е објавено на веб страницата на фестивалот, ќе биде прикажан и најновиот филм на Манчевски, црната комедија „Кајмак”. Филмот е македонско-данско-холандско-хрватска копродукција, поддржана од Еуримаж, и во копродукција со МРТ, кој ја имаше светската премиера на Токискиот филмски фестивал, најголем фестивал од А-категорија во Азија, а деновиве се прикажува во македонските кина.
Во 1995, во програмата на СФФ беше прикажано дебито на Манчевски, „Пред дождот”, кој освои номинација за Оскар и 11 награди во Венеција, вклучувајќи го и Златниот лав, а во 2020 тој повторно гостуваше во Софија за да го претстави својот филм „Врба” кога доби и специјална награда на СФФ.
Минатата недела Манчевски беше претседател и на жирито на меѓународен фестивал во Рим.
Милчо Манчевски е македонски кинорежисер, сценарист, писател, фотограф, автор на три изложби на фотографии, проза и поезија, како и книги, есеи и уметнички изведби. Снимил седум долгометражни играни филмови, „Пред дождот“ (1994), „Прашина“ (2001), „Сенки“ (2007), „Мајки“ (2010), „Бикини Мун“ (2017), „Врба“ (2019) и последниот „Кајмак“ од оваа година.
Најголем успех постигна „Пред дождот“ (1994), филм којшто „Њујорк тајмс“ го вклучи во листата 1.000 најдобри филмови на сите времиња.
Творештвото на Манчевски се изучува на студиските програми на бројни универзитети, како и во средните училишта во Турција и во Италија, а исто така академски предмет е на две академски конференции (во Фиренца и Лајпциг). Манчевски има почесен докторат од московскиот универзитете ВГИК. Предавал на постдипломските студии на повеќе универзитети и колеџи во САД, Русија, Кина, Куба. Во 2012 година е прогласен за Национален уметник на Република Македонија.