Претседателката Гордана Сиљановска Давкова вчеравечер во Софија присуствуваше на настапот на македонската Национална опера и балет, што во Софиската опера и балет ја изведе операта „Набуко“ од Џузепе Верди.
На настапот на македонските уметници, со кој беше отворена оперската сезона во Софија, присуствуваа и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кои се во состав на македонската делегација, соопшти Кабинетот на претседателката.
Претходно Сиљановска Давкова имаше средба со нејзиниот бугарски колега Румен Радев, по која оцени дека со добра волја, меѓусебна почит и разбирање може да се најде решение за отворените прашања меѓу Скопје и Софија.
Шефот на бугарската држава, пак, очекува искажаната желба за дијалог и разбирање од Сиљановска Давкова да стане конзистентна политика на Владата во Скопје и тврди дека Бугарија отсекогаш била отворена за дијалог со Северна Македонија.