Македонија заостанува со статистиката за жртвите

Lorita
By Lorita 5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Во Македонија нема Централен регистар на жртви од родово базирано и семејно насилство, иако тоа е предвидено со Истанбулската конвенција (Конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз
жените и домашното насилство). Потребно е што поскоро да се донесе еден ваков регистар за да можат земјите да поседуваат статистички податоци за жртвите од насилство. Ова е заклучокот произлезен од денешната регионална конференција што се одржа во Скопје во рамки на проектот „Обединети против семејното насилство во Западен Балкан – Регионална соработка и поддршка за прифатилишта за жртви на семејно насилство“, финансиран од Владата на Германија и имплементиран од германската хуманитарна организација Arbeiter-Samariter-Bund (АСБ) и локалните власти и невладини организации од 11 општини во Западен Балкан.

На конференцијата беше истакнато и дека една од три жени во Европа претрпела некаков вид родово базирано насилство. Беше посочено дека важно е да се зборува и да се подигне свеста за овој проблем.

Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски нагласи дека на територија на државава воспоставени се 13 специјализирани сервиси за згрижување на жени жртви на семејно насилство и родово базирано насилство – засолништа во шест плански региони.

– За жал, не се води еден единствен регистар во моментот и тоа е нешто на што треба да работиме во следниот период за да имаме точни податоци. Сето она што го имаме е тоа што е пријавувано по основ од самите центри или преку институциите на МВР доколку таму е пријавен случајот, за да бидат евидентирани. Не постои единствен регистар според кој можеме да дадеме точна бројка во дадена ситуација колку се извлечени, колку жртви има во шелтер-центрите и колку работат центрите за социјална заштита. Тоа е нешто што ќе го работиме во иднина – рече тој.

Велковски најави дека во следниот период ќе работат забрзано за да може да се имплементира Централниот регистар за државата да има евиденција за жртвите од насилство, посочувајќи дека за тоа да се имплементира, треба да се сменат законите.

– Треба да ги промениме законите за да дојдеме во ситуација да можеме да ги имплементираме, да го предвидиме регистарот, да може тој регистар да биде унифициран и да може таму да се внесува од повеќе екипи. Сакам да кажам, од тимовите на МВР коишто работат токму во нивните единици и нашиот Центар за социјална работа. Кога ќе се создадат сите услови, а ќе работиме забрзано на оваа тема, бидејќи е многу важна и морам да кажам дека за разлика од регионот, малку заостануваме. Мораме со забрзани чекори да одиме напред – рече Велковски.

Нина Митиќ, претставник од Министерството за човекови и малцински права и социјален дијалог на Република Србија информира дека околу 300 жени се убиени од семејно насилство во Србија за 10 години. Таа додаде дека Министерството се залага за Централен јавен регистар на жртвите од семејно насилство.

Назљије Баља, политичка советничка на косовската министерска за правда, истакна дека родовото базирано насилство и семејно насилство е глобален проблем, а не само на државите од регионот на Западен Балкан и дека сите мора да се обединат заедно во борбата против овој проблем.

– Тоа што нѐ обединува како земји од Западен Балкан е разменатa на нашите искуства и практики во спроведувањето и функционирањето на законот, особено правдата за сите, а камоли правдата за жртвите. Тие имаат имиња и презимиња, етничка припадност, пол, доаѓаат од различни општини и земји. Мораме еднаш засекогаш да се обединиме за да не ја гледаме оваа категорија само како бројки. Не постои светска статистика која го мери бројот на жртви во земјите. Она што го знаеме е дека насилството е присутно насекаде околу нас. Тоа се случува дома, на улица, во институции и не е само физичко насилство. Затоа, не треба да се занимаваме со прашања само од аспект на физичкото насилство. Да се ​​обединиме сите против насилството. Јас и ти денес не сме жртви на насилство, но не можеме да гарантираме дека ако утре молчиме, ние и вие може да бидеме жртви на насилство – рече Баља.

- Advertisement -
Ad image

Примарната цел на овој собир е да поттикне подобрен дијалог меѓу сите засегнати страни, нагласувајќи ја клучната важност на мерките за социјална заштита. Првпат претставници на прифатилишта за жртви на семејно насилство се дел од интегрираната мрежа за размена на искуства и експертиза.

Share This Article