Македонската фудбалска репрезентација вечер е домаќин на Украина во квалификациски натпревар за ЕУРО 2024 со Украина.
За двете репрезентации ова ќе биде втор натпревар во квалификациите. Во првото коло Македонците беа поуспешни од Малта, додека Украинците загубија од Англија.
Капитенот на „црвено-жолтите“ Стефан Ристовски с енадева дека со голема поддршка од навивачите може да се дојде до добар резултат.
– Украина е една од селекциите која ја сметаат за „нефаворит“, ама играат одличен фудбал. Со нив игравме на Европското првенство, а покажавме две различни полувремиња. Направивме грешки кои ривалот ги казни. Ако сакаме да се надеваме на резултат на домашен терен, тогаш ќе мора да одиграме максимално и ни треба еден перфектен меч. Во фудбалот сѐ е можно. Ни треба максимален фокус од прва до последна минута. Спремни сме и се надевам со поддршка од навивачите која ќе ни биде ветер во грб ќе дојдеме до позитивен резултат – истакна Ристовски.
Нашиот селектор Благоја Милевски рече дека е задоволен затоа што во текот на подготовките видел голема желба кај фудбалерите, а кој утре ќе настапи најмногу зависи од физичката подготвеност.
„Македонија како и секогаш досега во овој дуел ќе влезе со максимална желба за успех. На располагање се сите од повиканите, верувам дека секој од нив ќе знае што треба да прави на теренот. Од она што го видов на подготовките можам да кажам дека гледам силна желба и жар во нивните очи. Тоа е нешто што ме радува. Кој ќе настапи и колку ќе настапи зависи, од физичката подготвка на секој поединечно и за натпреварувачката форма не можеме да многу да зборуваме – вели селекторот.
Тој додаде дека нашата селекција ја очекува тежок натпревар.
– Ја анализиравме Украина и очекувам тежок дуел, концентрација мора да има во текот на 90 минути и ако сакаме успех, сигурно дека ќе мораме да направиме нешто офанзивно, не може фокусот да биде само на одбраната – изјави Милевски.
Украинскиот селектор Сергеј Ребров ја почитува македонската репрезентација.
– Македонија ја исфрли Италија во плеј-офот за Светското првенство 2022, ја совлада и Германија на гости. Го сфаќаме натпреварот многу сериозно. Мора да го почитуваме противникот, но и да размислуваме на нашата игра – вели Ребров.
Селекторот на Украина не ја прифаќа фаворитската улога на ова гостување во Скопје.
– Не верувам дека сме фаворити. Играме на гостински терен против една силна репрезентација. Мора да докажеме на теренот дека ние сме фаворити. Знаеме против кој играме утре, ја знаеме силата на Македонија. Очекувам еден тежок натпревар, знаеме дека Елмас е нивниот лидер во тимот. Но, имаа и други фудбалери кои добро се движат на теренот со топката, и на нив треба да обрнеме внимание – се зборовите на Ребров.
Украина е незгодна селекција за Македонија и низ годините сме сретнале на пет натпревари и во нив имаме три порази, едно реми и една победа.
Единствената победа ја забележавме во 2004 година кога дел од репрезентацијата беше сегашниот селектор на Украинците, Сергеј Ребров. Тогаш победивме со 1:0 со голот на Горан Ставревски.
МЕЃУСЕБНИ НАТПРЕВАРИ:
11 октомври 2003 година
Пријателски натпревар
Украина – Македонија 0:0
31 март 2004 година
Пријателски натпревар
Македонија – Украина 1:0
12 октомври 2014 година
Квалификации ЕП 2016
Украина – Македонија 1:0
9 октомври 2015 година
Квалификации ЕП 2016
Македонија – Украина 0:2
17 јуни 2021 година
Европско првенство 2020
Украина – Македонија 2:1
Натпреварот ќе се игра на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје со почеток во 20:45 часот.