More

    Македонија влезе во вртлогот на презадолженоста

    spot_img

    Справувањето со пандемијата, енергетската криза, како и сѐ погласните барања на бизнисите и граѓаните за помош од страна на државата го зголемија јавниот долг на 7,14 милијарди евра, што претставува 60,9 отсто од домашниот бруто производ (БДП). Дополнително, овој долг само за 45 дена од годината е зголемен за 180 милиони евра што значи и годинава продолжува да расте. Овие бројки алармира дека земјава ја надмина границата од 60 отсто од БДП утврдена во Мастрихт и влегува во зоната на висока задолженост. Владата вели дека долгот ќе се покрие со домашно и странско задолжување и дека ќе се придржува кон стратегијата за фискална консолидација за негово намалување на среден рок, но експертите велат дека ќе биде тешко да се контролира растот на долгот бидејќи сите нови задолжувања ќе бидат поскапи поради високиот јавен долг.

    Експертите велат дека вистинскиот проблем не е во нивото на јавниот долг, туку во тоа што тој незапирливо расте. Долгот во 2017 година изнесуваше 4,78 милијарди евра, а сега се искачи на 7,14 милијарди евра, односно во 2017 година тој изнесуваше 46,1 отсто, а моментално изнесува 60,9 отсто. Дополнителен проблем е и тоа што долгот се прави не за капитални проекти, туку се троши непродуктивно за зголемување на плати и слични работи. Се земаат нови долгови за да се покријат старите, наместо да се поттикнува развојот и да се обезбеди одржливост на долгот. Експертите се децидни дека и со раст од 5 отсто на БДП мора да се внимава на висината на јавниот долг, бидејќи домашната економија е мала и увозно зависна.

    Според нив, во вакви услови потребно е посебно внимание да се посвети на фискалната политика и фискалната консолидација и примена на соодветни мерки за стимулирање на економската активност со што ќе се излезе од фазата на недоволен раст и ќе се обезбеди одржливост на долгот. Истовремено, треба да се унапреди и начинот на управување со долгот, да се зголеми кредибилитетот и да се врати репутацијата на државата.

    Професорот Трајко Славевски вели дека и покрај тоа што за нивото на овој долг може да се најде оправдување во пандемијата и мерките за нејзино справување, поддршката на компаниите и граѓаните и енергетската криза, сепак, мора да се внимава каде одат парите и во наредниот период да се преземат активности за зауздување на натамошниот раст.

    – Но тоа ќе биде многу тешко со оглед на сѐ побројните барања за помош упатени до владата. Во прилог на ова говори и податокот дека само за 45 дена бруто долгот е зголемен за 160 до 180 милиони евра (колку што на пример е буџетот за одбрана за цела година), барем така соопшти министерот за финансии. Ова задолжување и секое наредно, како и веќе направените, земјава ќе треба да ги покрие со ново задолжување во земјава и во странство. Планирано е тоа да се направи со издавање нова еврообврзница, што во сегашни услови ќе биде со висока камата, бидејќи инвеститорите кога одлучуваат ги имаат предвид состојбите во земјата. Тука мислам, пред сè, на високото ниво на јавниот долг и сѐ погласните барања за зголемување на платите… Така што каматата која ќе треба да ја плаќа земјата во иднина ќе биде далеку повисока од онаа на претходната еврообврзница. Така одиме во нова спирала на задолжување кое сигурно ќе ги надмине овие 60 отсто од БДП – вели Славевски.

    И поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека со вакво ниво на јавен долг, логично е владата да посегне по ново задолжување во странство.

    – Бидејќи веќе нема каде да бара пари дома, оти ги нема, владата сега ќе посегне по ново задолжување надвор. Ќе биде принудена да моли за да добие дополнителни пари. Така јавниот долг ќе расте и натаму – вели Хајредини.

    Според него, јавниот долг е поголем од бројката што се прикажува, бидејќи дел од долговите се скриени и никогаш нема да излезат на виделина.

    – Ако се прикажат вистинските долгови, оваа коалициска влада ќе треба да падне и затоа вешто се прикрива дел од долгот, како што тоа го правеше и владата на ВМРО-ДПМНЕ претходно. Дел од долговите на институциите, општините вешто се прикриени и не се прикажуваат. За нив слушнавме и од новите градоначалници. Но не е само тоа, иако се декларира како транспарентна, не ги ажурира редовно податоците за да не се видат вистинските бројки. Дополнително, ако внимателно ги следите изјавите на министерот за финансии ќе видите дека се контрадикторни во однос на енергетската криза и обезбедените пари за нејзино надминување. Еднаш кажува дека има пари во буџетот за 2021 година за плаќање на сметките за „крадената струја“ од МЕПСО, потоа дека нема предвидено пари во буџетот за енергетската криза, а сега говори нешто друго. Па имате популистичка цена на струјата и долг кој не може да го наплати и плати ЕВН кон ЕСМ и обратно. Сето тоа наведува на заклучок дека состојбата со јавниот долг не е добра посебно со последната енергетска криза. Се потврдува и тезата дека денешните долгови се идни даноци за граѓаните бидејќи сѐ се истура на нивниот грб – вели Хајредини.

    Годинава, според предвиденото во Буџетот, владата треба да отплати дел од долгот направен на домашен и странски пазар во вкупен износ од 187 милиони евра. Проектираниот дефицит за 2022 година е во износ од 545 милиони евра. Владата планира вкупниот долг и дефицитот да го финансира преку домашно и странско задолжување што во старт изнесува 732 милиони евра.

    Но, дополнителен проблем е постојаниот раст на долговите на институциите и енергетската криза која ѝ се налепи на пандемијата. Заклучно со 2021 вкупните доспеани а неплатени обврски на државните институции, јавните претпријатија, министерствата, општините, државните фирми, надминаа 391 милион евра. За ублажување на енергетската криза, пак, не се знае колку дополнително ќе бидат потребни пари кои во буџетот и не се планирани, бидејќи официјално имаше различни изјави околу ова прашање.

    Решението на ваквата состојба и одржливост на олку висок јавен долг, велат експертите, е во мерки за  стимулирање на економскиот раст, односно инвестирање во капитални проекти како оние во  инфраструктурата каде што секој вложен денар се враќа четирикратно. Ова се проекти кои се финансираат главно со развојни кредити од меѓународни финансиски институции и за кои се повлекуваат поголеми суми.

    Од Министерството за финансии велат дека „токму за вакви намени се користат кредитите од новите задолжувања и тоа на среден рок, со повлекување средства преку овие проекти јавниот долг се зголемува, но на подолг рок тоа ќе влијае исклучително позитивно на економијата, ќе се креираат нови вредности, многу повисоки од тој долг“.

    Но, македонската практика говори нешто друго. Проектите од инфраструктурата тапкаат во место извесен период. Причините се различни за секој од нив. Институциите ретко успеваат да ги реализираат плановите за капитални инвестиции, а кога нема пари во буџетот прво се посега по капиталните инвестиции. Нивната реализација е проблематична секоја година. Уделот на капиталните инвестиции во БДП се движи од 2,5 отсто до 3,7 отсто кога реализацијата достигнува максимум од скоро 85 отсто. Лани реализацијата на капиталните инвестиции изнесуваше 81 отсто.

    – Очекувам при посегањето по дополнителни пари за покривање на дополнителните задолжувања прво да се посегне по капиталните проекти кои во овој период од годината се реализирани само 5 отсто – вели Славевски.

    Дел од експертите велат дека е потребна фискална консолидација и план на кој ќе се придржува владата за да се стави под контрола долгот и да го намали буџетскиот дефицит што пак е многу тешко во сегашните услови.

    Владата и во овој буџет најави дека ќе го следи планот.

    „Утврдените основни постулати на фискалната политика во наредниот период предвидено е да обезбедат етапна фискална консолидација со постепено намалување на нивото на дефицитот, а притоа да се поддржи економскиот раст и развој согласно поставените цели на буџетот и остварување на приоритетите и политиките на Владата за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните“, се наведува во појаснувањето на годинашниот буџет.

    На среден рок, јавниот долг треба да се одржува под 60 отсто од БДП. До 2026 година, проекциите во Стратегијата за управување со јавниот долг се дека тој ќе се стабилизира и ќе се намали на 57,7 отсто, додека државниот долг ќе се сведе на 50,7 отсто. Според планот за фискална одржливост со кој се обезбедува постепено стеснување на вкупниот буџетски дефицит од 4,9 отсто во 2021 година на 2,2 отсто во 2026 година.

    Практиката, сепак, покажа дека и овие планови тешко се остваруваат и секои три години трпат промени.

    – Тие планови се само за замајување на јавноста и да се одговори на меѓународните институции кои бараат добро да се управува со јавните пари. Тие никогаш не се почитуваат и не се реализираат – вели Хајредини.

    Според договорот од Мастрихт, јавниот долг не треба да надминува 60 отсто од БДП на земјата, а буџетскиот дефицит не треба да биде повеќе од 3 отсто од БДП, иако не се испочитувани од поголем број земји, особено
    по членството во Еврозоната. Земјите со долг кој надминува 60 отсто од БДП се рангираат како високо задолжени. Или, според класификациите на Светската банка, земјите со јавен долг од 40 отсто од БДП се сметаат за ниско задолжени, оние со долг од 40 до 60 отсто од БДП се умерено задолжени, а земјите со долг над 60 отсто од БДП се во категоријата на високо задолжени земји.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img