Украина ќе биде главен приоритет и клучно безбедносно прашање во претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, истакна во своето обраќање Бујар Османи, министерот за надворешни работи на Северна Македонија по повод преземањето на функцијата претседавач со ОБСЕ во 2023 година.
Северна Македонија оваа година ќе претседава со најголемата светска регионална безбедносна организација која опфаќа 57 држави учеснички од Северна Америка, Европа и од Азија.
– Неодговорната и неиспровоцираната руска воена агресија против Украина ја поткопа европската безбедносна архитектура и им се заканува на мирот и стабилноста на континентот и пошироко. Нашето претседавање ќе настојува да ги одржи суштинските функции и операции на Организацијата, осигурувајќи дека е во можност да ги поддржи регионите опфатени со кризи и да се справи со конфликтите низ регионот на ОБСЕ. Регионалната нестабилност и потенцијалот за нови кризи бараат постојано внимание – потенцираше Османи.
Во фокусот на македонското претседавање со ОБСЕ кое ќе се одвива под слоганот „За луѓето се работи“ ќе бидат интересите на луѓето и работата на теренските мисии на Организацијата, најави новиот претседавач на ОБСЕ Османи.
– Како главен приоритет на нашето претседавање, планираме да го засилиме нашиот фокус на теренот, кој е од клучно значење за поддршка и дополнително зајакнување на статусот и улогата на луѓето – кои се крајни корисници на работата на ОБСЕ. Нашиот план е да подадеме рака на населението кое се соочува со конфликт, но и на другите кои имаат потреба од поддршка – истакна Османи.
Северна Македонија како претседавач со ОБСЕ, исто така, ќе се фокусира на економската соработка, клучна за трајниот мир и просперитет на граѓаните, како и на поддршката на одржливиот економски раст и еколошката соработка која е од суштинска важност за човековата безбедност. Меѓу приоритетите ќе бидат и заштита на човековите права, како и промовирање на толеранција и недискриминација како предуслов за сеопфатна безбедност.
Северна Македонија ќе претседава со ОБСЕ во 2023 година, а програмата на македонското претседавање ќе ја претстави министерот Османи пред Постојаниот совет во Виена на 12 јануари.