Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји вечерва во Брисел изјави дека Европската комисија е подготвена да ја забрза интеграцијата на Западен Балкан во Европската унија.
За време на состанокот на министрите за надворешни или европски работи на членките на ЕУ и шесторката од Западен Балкан, Вархеји на социјалната мрежа Х напиша дека Словенија, Австрија и Хрватска силно ги поддржуваат годишните извештаи на Европската комисија за земјите од регионот и новиот план за раст за Западен Балкан, што Европската комисија го усвои на 8 ноември.
Вархеји веќе разговара со Албанија за „следните чекори“
Претходно денеска во Брисел се одржа состанок на Советот на ЕУ за надворешни работи, кој го сочинуваат шефовите на дипломатиите на земјите-членки на Унијата. На вечерашниот министерски состанок ЕУ – Западен Балкан, чиј домаќин е шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, Република Северна Македонија ја претставува заменик-министерката за надворешни работи Фатмире Исак.
Според првичните најави, од земјите кандидати од Западен Балкан, Албанија и Босна и Херцеговина имаат најголеми шанси во декември да ги почнат преговорите со ЕУ.
Еврокомесарот Вархеји на социјалната мрежа „Х“ пишува дека Албанија како „земја која преговара за членство продолжува да напредува во реформите поврзани со ЕУ“. Тој додава дека се сретнал со албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Игли Хасани, на маргините на министерскиот состанок ЕУ-Западен Балкан „за да разговараат за следните чекори“.
– Нашата цел е да ги отвориме преговорите (со Албанија) за членство на првиот кластер до крајот на оваа година – пишува Вархеји.
Словенија одлучно ја протежира Босна и Херцеговина
Во меѓувреме, Словенија објави дека на состанокот на Европскиот совет во декември ќе предложи пристапните преговори меѓу ЕУ и Босна и Херцеговина да почнат веднаш или истовремено со преговорите со Украина и со Молдавија, Ова го изјавил словенечкиот премиер Роберт Голоб во писмо до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
– Во услови на војна во Украина, процесот на интеграција во ЕУ пред сè мора да се третира како алатка за стабилизација и инструмент за одвраќање на влијанието на странските играчи кои се заинтересирани да ја попречат европската интеграција на Босна и Херцеговина – напишал Голоб.
Тој повикал на преговори меѓу Брисел и Сараево „кои официјално би почнале веднаш, заедно со Украина и Молдавија“, се вели во писмото, пренесува словенечката новинска агенција СТА.
Европската комисија минатата недела даде препораки за почеток на пристапните преговори со Украина и Молдавија. Во препораката се наведува дека пристапните преговори со Босна и Херцеговина може да почнат кога земјата до одреден степен ќе ги исполни условите. Босна и Херцеговина поднесе барање за членство во ЕУ во февруари 2016 година, а кандидатски статус доби во декември 2022 година.
А ние во Македонија, со ваков европски извештај…
Македонија изгледа нема шанси да стартува со преговорите во декември, не само поради спорот со Бугарија, туку и поради лошиот европски извештај. За тоа вчера доцна претпладне се препукуваа претставници на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ.
„Извештајот на ЕК за Македонија е одраз на реалноста и од таа дефиниција, колку и време да помине нема да се промени, затоа што извештај кој е досега најлош. Во клучните фундаменти, темели на ЕУ да немаме апсолутно никаков напредок и тоа да е едната дефиниција која неколку пати се повторува, а втората да е дека состојбите во Македонија претставуваат сериозна загриженост за ЕУ е една реторика која во дипломатијата е сериозна“, изјави Марија Митева, член на Извршниот комитет и портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, во „Топ тема“ на Телма телевизија.
Таа истакна дека колку е лош извештајот покажува Парламентарниот институт на Собранието, каде има најниска оценка од 2009 досега.
„Парламентарниот институт на Собранието излезе со резиме за извештаите од 2009 до 2023 година, каде буквално имаме најлоша оценка просечна 1,52. Тоа е полоша од оценката во 2016, 2015, 2014 година, години за кои велеа дека се режим и дека ќе го променат тоа и ќе донесат правда под мотото ‘Нема правда нема мир’. А најглавните забелешки се во делот на правосудството, во борбата со корупцијата и со високата корупција и во делот на слобода на изразување, каде јасно се потврдува дека нема подобрување“, потенцираше Митева.
„Извештајот си е супер, ВМРО-ДПМНЕ е кочничарот“
„Најлошите извештаи од Европската комисија земјава ги имаше за време на ДПМНЕ, во 2015 и 2016 година бевме оценети како ‘заробена држава’. Тоа веќе го нема, а во Извештајот од оваа година ДПМНЕ е посочено како кочничар на напредокот на земјата и на европскиот пат“, возврати пратеничката на СДСМ Даниела Колева.
Според нејзината анализа на извештаите од последните десеттина години, ова е многу добар, дури и одличен извештај, рече таа и додаде:
„Имаше унапредување на секое поле, во секој кластер. За најновиот извештаен период може да забележиме дека нема ниту еден кластер во кој има назадување. Во 25 до 30 отсто во извештаите на Европската комисија во 2014 и во 2015 година има назадување. Таков извештај од 2016 година не сме виделе“, рече Колева.