Земјава според најновиот Светски индекс на слобода на печатот на Репортери без граници се најде на 57 место, во групата на проблематични земји. Тоа сепак е напредок од 33 места во однос на Светскиот индекс во 2021 година кога земјава беше рангирана на 90 место.Во групата „проблематични“ се и Косово (61), Црна Гора (63), Босна и Херцеговина (67), Киргистан (72), Србија (79), Унгарија (85), Грузија (89), Бугарија (91), Украина (106), Ерменија (51), Словенија (54) и Романија (56).
Хрватска се најде на 48 место и во категоријата „задоволува“.
Според Светскиот индекс на медиумски слободи објавен од Репортери без граници, во светот се случува двојна поларизација, интензивирана од информацискиот хаос, а таа е присутна и во одделни земји и во односите меѓу земјите на меѓународно ниво.
Извештајот за 2022 година, што ја проценува состојбата на новинарството во 180 земји и територии, укажува на катастрофалните ефекти од информацискиот хаос што произлегува од глобализираниот и нерегулиран онлајн информативен простор, кој поттикнува ширење на лажни вести и пропаганда.
Норвешка останува на врвот на светскиот индекс за слобода на печатот во Европа. Најслабо рангирани се Северна Кореја (180), Еритреја и Иран. До нив се Мјанмар (176) и Кина (175 место).