Потребно е време за да има системски решенија за справување со пожари, поплави, земјотреси во земјава, како и создавање на една функционална институција. Во наредниот период освен ад хок решенија кои ќе се преземат од страна на институциите во делот на превенцијата ќе создадеме систем којшто ќе биде функционален и којшто за една, две, три години од сега ќе може да одговори системски на сите предизвици, истакна министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој е и претседател на Управичкиот комитет за координација и управување со системот за кризи.
Тој рече дека во изминатите месеци работни групи работат на законската легислатива, потоа утврдуваат точни чекори кои треба да се преземат, предвидуваат кои членови треба да се укинат и кои се Закони треба да се сменат.
– Мислам дека околу 19 Закони се поврзани со темата, во насока на тоа како да создадеме системско решение и темелно и сериозно е сфатена работата за реорганизација. Заради тоа имаме состанок на Управички комитет во јануари, а не во јуни какошто се правело претходно – вели Тошковски.
Тошковски истакна дека за новите решенија за подобро функционирање на институциите кои се справуваат при пожари, поплави, земјотреси и други катастрофи ангажиран е и странски експерти, коишто нивното искуство и знаење ќе помогнат какошто вели во збивање на редовите.
– Во Македонија сепак има пожарникари, кои се спремни, одговорни, обучени, имаме и градоначалници, кои во изминатиот период и те како се покажаа добро. Но, тоа не заради тоа што државата создала капацитети, тоа е затоа што се уште имаме чесни, професионални, кои во рамки на своите институции заради нивната способност одговориле какошто треба на предизвиците, коишто сме ги имале, а не заради тоа што сме имале системско решение – вели Тошковски.
Тој посочи дека е потребно јакнење на капацитети, повеќе средства, како и домаќинско и професионално работење. Според него потребно е да се утврди кој ќе има командна улога во текот на пожарите, а во Уставот се говори за вонредна, а не за кризна состојба.
Тошковски вели дека еден од проблемите кои ги детектирале експертите е токму во тој дел, потоа се преклопуваат надлежностите на повеќе институции, а има и нефункционални институции од аспект и на материјални и човечки ресурси. Препораките се и дека треба најмногу да се реагира во делот на превенцијата, којашто опфаќа чистење на канали, обуки на професионалците, потоа создавање на заштитни зони во шумите.
Прашан за малиот број на пилоти во земјава, Тошковски најави дека ќе се отвори Центар за обука на пилоти, со што и овој проблем ќе се надмине, но не за кратко време, бидејќи е потребно време за да се обучат пилоти.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов на денешната прес-конференција рече дека три години зборувал дека системот за справување со кризи, системот за заштита и спасување и Противпожарната заштита се недоволно функционални. Тој потенцира дека од оваа Влада гледа решеност за системско надминување на овој проблем.
– Значи од страна на оваа Влада, министерот за внатрешни работи како раководител на Управувачкиот комитет ги предводи овие процеси, заедно со вицепремиерот, Љупчо Димовски, којшто предводи една работна група и секојдневно се работи сериозно на надминување на системските слабости – вели Ангелов.
Тој истакна дека ова не е едноставен процес, а спојувањето на ЦУК и ДЗС не треба да биде механички, од две недоволно функционални институции да се добие една, која ќе биде супер нефункционална. Ангелов истакна дека треба да се направи нова здрава институција, којашто ќе ги обедини функциите на двете постоечки институции ЦУК и ДЗС.
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски денес состанокот кој се одржа во ЦУК.
– Како Претседател на ЗЕЛС сакам да истакнам дека превенцијата е клучниот елемент за справување со предизвиците и дека само со заедничка посветеност, централната и локалната власт можат да изградат систем кој ќе биде подготвен да одговори на сите кризи. Како приоритет би ја посочил потребата од реформи во противпожарната заштита и создавање ефикасен и финансиски одржлив систем за заштита и спасување. Сметам дека поради недоволната финансиска поддршка и старите возни паркови на противпожарните единици, функционирањето на општините е отежнато. Од наша страна, ние, како раководство на Општина Кисела Вода, набавивме ново противпожарно возило, кое ќе биде ставено на располагање на противпожарната бригада за подобра ефикасност при интервенции. Обезбедивме и простории за нова противпожарна станица. За жал, иако се направени сите подготовки и адаптации, оваа станица сè уште не е функционална поради причини познати на градоначалничката на Скопје. Дополнително, набавивме мултифункционален багер за расчистување на речните корита, кои често се главната причина за излевање на реките и поплави. Сепак, освен што како градоначалници треба да делуваме посветено секој во својата општина, потребна е и заедничка работа и силна поддршка од централната власт. Во овој момент, со оглед на сето она што се случува во изминатиот период, јас сум голем оптимист околу надминување на голем дел од проблемите токму преку поддршка од централната власт за решавање на системските проблеми и сакам да апелирам на уште поголема соработка која има за цел да обезбеди стабилност и безбедност на нашите граѓани – изјави Претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски.
На настанот во Центарот за управување со кризи, на кој присуствуваа и Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, потпретседателот на Владата Љупчо Димовски, директор на Дирекцијата за заштита и спасување Џевад Селами, како и директори и претставници на АД Водостопанство, УХМР, Национални шуми, беа дискутирани предлозите за времено унапредување на кризниот менаџмент во делот на справување со било какви кризи, и елементарни непогоди.