Од Скопје до Белград ќе се стигнува за три часа кога ќе биде реализиран проектот за изградба на брзата пруга, најави српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ.
Српскиот министер посочи дека Србија потпишала меморандум со Македонија, со што двете земји заеднички ќе аплицираат до ЕУ за средства за изградба на дел од брзата пруга Ниш – Скопје, пренесува Н1.
– Кога ќе биде готова пругата, ќе бидат потребни три часа да се патува од Скопје до Белград. Тоа драматично ќе го промени животот на граѓаните – рече Весиќ.
Оваа делница е дел од големиот проект за изградба на брза пруга што ќе го поврзува Белград со Будимпешта на север и со Скопје на југ. Весиќ за српските медиуми вчера изјави дека брзата пруга Белград-Будимпешта ќе биде завршена до 2025 година и дека ќе бидат потребни три часа за да се патува до главниот град на Унгарија.
Српскиот министер истакна дека во моментов се работи и на проектот за изградба на брзата пруга Белград-Ниш, а дополнително и за продолжување на брзата пруга до Скопје.
– Кога ќе биде готова оваа делница, од Белград до Ниш ќе бидат потребни 100 минути – рече Весиќ.