Суво пристаниште во градот Струга и нов граничен премин со Албанија кај Поградец беа договорени на денешната средба на премиерите на Македонија и на Албанија во Скопје. Земјите потпишаа 21 договор на меѓувладина седница, втора од ваков тип меѓу двете земји.
– Проектот за суво пристаниште го земаме под наша одговорност преку холандска компанија, која го има проектирано новото комерцијално пристаниште, но и воена инфраструктура во Драч, како и сувото пристаниште во Приштина. На овој начин мислиме дека создаваме една комплексна инфраструктура во функција на зголемување на волуменот на интеракција на нашите држави што беше наш приоритет, но и приоритет на иницијативата Отворен Балкан и на Берлинскиот процес -рече Рама.
Договорите кои биле потпишани опфаќаат области од евроинтеграциите, одбраната, безбедноста, инфраструктурата, енергетиката, културата, борбата против меѓународниот криминал, железничкото поврзување.
И македонскиот премиер Димитар Ковачевски и Еди Рама порачаа дека ова е само потврда на новиот дух на соработка меѓу земјите од регионот и продолжување на унапредувањето на партнерството од иницијативата Отворен Балкан.
– Отворен Балкан и Берлинскиот процес воопшто не се во меѓусебна спротивност, туку напротив тие се два компатибилни процеси, бидејќи држави коишто се дел од Берлинскиот процес се дел и од Отворен Балкан, кој се базира на четирите слободи на кои почива ЕУ – изјави македонскиот премиер Димитар Ковачевски.
– Доколку ги погледнете договорите коишто ги потпишавме на Берлинскиот процес тоа се идентични договори коишто веќе нашите три држави ги имаат потпишано и ратификувано. Берлинскиот процес е неповратен процес. Тоа е процес којшто води кон целосна интеграција на Западен Балкан во заедничкиот европски пазар.
Во рамки на денешната меѓувладина седница меѓу Македонија и Албанија, беше потпишан и меморандум за билатарелна соработка во одбраната. Министерката за одбрана Славјанка се сретна со албанскиот министер за одбрана Нико Пелеши.
Планот за билатерална соработка за 2022 година вклучува седум активности од кои четири во Северна Македонија и три во Албанија. Фокусот во него е ставен на соработката во областа на разузнавањето, АБХО, воената полиција и развојот на Лесната пешадиска баталјонска група, како и користењето на армискиот полигон „Криволак” и учеството на обуките во Регионалниот центар за односи со јавноста.
Двете земји учествуваат во бројни регионални иницијативи, како САД – Јадранската повелба, иницијативата СЕДМ, Бригадата на Југоисточна Европа, Форумот на началници на Генералштаб, Центарот за безбедносна соработка – РАКВИАК и Балканските медицински наменски сили, стои во соопштението.
Македонија и Албанија заедно учествуваа на воената вежба „Swift Response“, а ќе учествуваат и на „Defender Europe 23“.