Овој ден ќе го запаметиме по тоа што денеска во 10:35 часот за првпат се отвори портата за тргување на Македонската берза на електрична енергија, со што се означи почетокот на функционирањето на организираниот пазар, пазарот ден – однапред во нашата земја, порача управителот на Националниот оператор на пазарот на електрична енергија – МЕМО, Симон Шутиноски на настанот со кој се означи офiцијалниот почеток на работата нa берзата.
– Ова значи дека денеска добивме референтни цени на македонскиот пазар на електрична енергија, кои се однесуваат на домашната побарувачка и понуда на електрична енергија. Денеска се случи безбедно и без никаков проблем тргување на електричната енергија на нашиот организиран пазар – рече Шутиноски.
Тој нагласи дека на првиот ден на тргување на Македонската берза учествувале 20 од вкупно 22-те компании кои склучија договор со МЕМО за учество на берзата на електрична енергија. Истргувани се околу 500 мегават часови електрична енергија или во просек околу 20 мегават часови во час со просечна цена од околу 7.125 денари која е приближна на цените во регионот и во Европа.
– Патот на воспоставување на организираниот пазар на електрична енергија не беше лесен, напротив исполнет со препреки и со предизвици. Овој процес започна со донесување на Законот за енергетика во 2018 година со кој беше транспониран третиот енергетски пакет од европското законодавство во домашното, и се создадоа услови за воспоставување организиран пазар на електрична енергија. Следуваше период на истражување на пазарот, се работеа студии за институционална поставеност на организираниот пазар, пазарот ден-однапред, за во 2020 година Владата на предлог на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги да го назначи Националниот оператор на пазарот на електрична енергија – МЕМО за Номиниран оператор на пазар на електрична енергија, популарно кажано NEMO, низ процес согласно европската CACM регулатива, со што во тој момент Македонија беше прва земја од земјите од Западен Балкан, која го исполни овој услов од европското законодавство – рече Шутиноски.
Потоа следуваше процес на изнајмување трговска платформа и платформа за клиринг и финансиско порамнување, при што се склучи договор со партнерите BSP South Pool – словенечката берза на електрична енергија и EPEX SPOT – европска берза на електрична енергија со седиште во Париз, која е една од најголемите берзи во Европа, застапена во повеќе од 15 западно-европски земји.
– Во процесот на прилагодување на платформите и нивно тестирање, колегите од BSP и EPEX заедно со моите колеги од МЕМО демонстрираа високо ниво на професионалност што резултираше денес, на 10 мај, да имаме успешен ден, успешно тргување на македонската берза на електрична енергија. Со отпочнувањето со работа на берзата ќе поттикнеме ефикасна конкуренција во производството, трговијата и снабдувањето со електрична енергија, обезбедуваме оптимална употреба на инфраструктурата за пренос на електрична енергија, обезбедивме чесен, транспарентен и недискриминаторен третман на учесниците на пазарот ден – однапред, обезбедуваме и подобрување на транспарентноста и довербата во информациите, и почитување на потребата за чесен пазар на електрична енергија и чесно и пазарно формирање на цените за електрична енергија – посочи Шутиноски.
Берзата на електрична енергија ќе поттикне зголемени инвестиции во производствени капацитети на електрична енергија од обновливи извори, со тоа што инвеститорите ќе имаат организиран пазар, каде ќе можат да ја продаваат произведената енергија. На трговците и снабдувачите на електрична енергија, па дури и на големите директни потрошувачи ќе им овозможи да ги оптимизираат своите портфолија и да го планираат своето работење.
Премиерот Димитар Ковачевски, кој е во посета на САД, во писмо испратено до МЕМО по повод почетокот со работа на правата Македонска берза за тргување со електрична енергија истакна дека работата на оваа берза, значи сигурност за производството на струја, сигурност за болниците, за училиштата, за сите институции, коишто набавуваат енергија на либерализираниот пазар, односно стабилно снабдување со струја и можност за ефикасна набавка на достапни количини струја.
– Преку берзата за тргување со електрична енергија, на македонскиот пазар, ќе се побарува и добива електрична енергија. Снабдувачите ќе побараат и платат енергија денес и ќе ја добијат веднаш, утре – наведе премиерот Ковачевски во писмото.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи рече дека отворањето на берзата на електрична енергија не е крајната цел, туку е само еден од многуте чекори кои ги преземаме при создавањето современ енергетски пазар во нашата земја.
– Ова е историски момент за нашата земја, за нашата енергетика и за нашата економија. Берзата на електрична енергија ќе овозможи конкурентен пазар на кој транспарентно, недискриминирачки и ефикасно ќе се тргува со електричната енергија односно размена на понудата и побарувачката на електрична енергија во земјата. Со активно купување и продавање на електричната енергија на пазарот ден-однапред конечно ќе се добие референтна цена на електричната енергија на пазарот на големо во Северна Македонија – рече Битиќи.
Се надевам, посочи тој, дека Северна Македонија ќе ја искористи својата географска положба и добрата интерконекциска поврзаност со соседите за што е можно поскоро регионално поврзување со пазарите на електрична енергија од ЕУ и регионот на Западен Балкан, кое ќе донесе ликвидност на берзата на електрична енергија, поголеми текови на електрична енергија и конкурентна цена на електричната енергија на либерализираниот пазар.
Заменик-амбасадорот на САД во земјава, Ерик Мејер, истакна дека берзата преку размена на електрична енергија ќе овозможи голем број бенефиции за Северна Македонија, ефикасно креирање на цените на електрична енергија, но и бенефиции за заинтересираните инвеститори.
– Ги охрабрувам сите трговци со струја во регионот, снабдувачи и оператори со обновливи извори на енергија активно да ја работат својата работа и да се вклучат во пазарот ден однапред – истакна Мејер.
Директорот на Секретаријатот на енергетската заедница, Артур Лорковски во видео обраќање истакна дека креирањето на конкурентен пазар за тргување со електрична енергија е една од целите на Европската комисија, но додаде дека, крајната цел е да има целосна интеграција и поврзување со останатите пазари на електрична енергија, односно да има еден единствен пазар на електрична енергија на ниво на Европската Унија.