Македонецот Стојан Спасов, кој беше пронајден мртов во Софија, починал од срцев удар, покажал извештајот на бугарска Судска медицина. Семејството на починатиот за ММС ги демнатираше сите шпекулации кои деновиве беа изнесени во медиумите дека тој бил убиен.
– Не сакаме никој да ја почуствува болката што ја чувствуваме ние, но сепак сметаме дека секој треба да има барем малку човечност и доблест во себе. Нечесно е на нечија туѓа несреќа да се добива внимание и медиумска популарност. Според документот што го добивме од Судска медицина, по направената аутопсија, утвредно е дека причината за смрт е срцев удар. Затоа се надеваме дека Бог ќе им даде ум на сите луѓе што не се свесни што пишуваат. Не осудуваме никого и не бараме ничија помош, нашите блиски се со нас. Единствен начин да се помогне е да се каже вистината, а вистината е таа што ја кажавме. А тоа што го кажавме, ни го потврдија и од нашата амбасада. Нам ни останува сами да тагуваме до крајот на нашите животи. Сите што лично го познаваа, знаеја каков човек и спортист беше. А тие што не го познаваат можат да мислат и да зборуваат што сакаат – изјави за ММС семејството Спасовски.
Спасов беше пронајден близу трговскиот центар „Парадајз“ во центарот на Софија.
Телото на Спасов е транспортирано во Македонија. Погребот ќе се одржи утре на градските гробишта во Виница.