Мајкрософт ќе мора да плати казна од 20 милиони долари на американската Федерална трговска комисија (FTC) за незаконско собирање лични информации од деца без согласност на нивните родители.
Во соопштението на FTC се наведува дека Мајкрософт го прекршил американскиот Закон за заштита на онлајн приватноста на децата (COPPA), бидејќи собирал информации од деца кои се најавувале во неговиот систем за видео игри Xbox без знаење на нивните родители, објави Ројтерс.
„ФТЦ предложи мерки за да им олесни на родителите да ја заштитат приватноста на своите деца на платформата Xbox“, рече Семјуел Левин, директор на Канцеларијата за заштита на потрошувачите на FTC.
Според него, овие мерки јасно покажуваат дека биометриските податоци на децата, информациите за нивната здравствена состојба или нивните аватари – ликови во виртуелната реалност – не се изземени од COPPA.
COPPA бара онлајн давателите на услуги и сајтовите што се насочени кон деца на возраст под 13 години да ги известат нивните родители за тоа какви лични информации собираат и да добијат согласност пред да ги собираат и користат личните податоци на децата.
Портпаролот на Мајкрософт рече дека компанијата ќе ги исполни барањата на FTC и ќе ја подобри заштитата на податоците на децата.