Заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ денеска најави дека е изнајдено закононско решение во однос на забелешките на Комисијата за спречување и зашита од диксриминација за условите во кои казната затвор ја издржуваат лицата од женски пол.
Аврамовска Мадиќ изјави дека изминатиот период таа и министерот за правда Кренар Лога ја разгледале можноста за решавање на проблемот, во однос на претходниот правилник за регулирање на условите во КПУ Идризово, со кој била сторена неправда кон лицата од женски пол.
– По доставувањето на мислењето од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, каде ни се укажа дека има индиректна дискриминација врз осудените лица од женскиот пол, кои издржуваат казна затвор во КПУ Идризово – женско одделение, наспроти осудените лица од машкиот пол, кои издржуваат казна затвор во истиот, во овој период со министерот изнајдовме решение. Законското решение е изнајдено и во најскоро време, наредната недела, министерот, откако текстот ќе биде подготвен од страна на секретаријатот за законодавство, ќе го потпише правилникот и во согласност со него осудените лица од женскиот пол ќе можат да ги користат погодностите коишто ги користат осудени лица од машкиот пол. Значи сите, доколку осуденото лице од женскиот пол кое е осудено на казна затвор до три години или издржало казна затвор три години, ќе можат да ги користат погодностите согласно правилникот и куќниот ред на КПУ Идризово – изјави заменик-министерката за правда.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација кон крајот на март донесе општа препорака со која препорачува Управата за извршување санкции да подготви Акциски план со активности и извори на буџетирање за адаптирање, реконструкција или конструкција на установи од полуотворен и отворен вид за жени осуденички.
Оваа потреба, според КСЗД, е нужно предизвикана од фактот што жените осудени на казна затвор од целата територија на државата се упатуваат на издржување на казната затвор во КПУ Идризово, како единствена казнено-поправна установа во државата каде постои посебно одделение за жени.
Земајќи ја предвид важечката регулатива, односно фактот што жените својата казна затвор можат да ја издржуваат единствено во КПУ Идризово, установа која е од затворен вид, се доаѓа до заклучокот дека женските осудени лица се ставени во понеповолна положба во однос на машките осудени лица, велат од Комисијата.
Мерките и дејствијата предвидени со оваа општа препорака, како што наведуваат, треба да обезбедат жените, упатени на издржување затворска казна, да можат, на еднаква основа како и мажите, да прогресираат во казнено-поправните установи со издржан дел од казната затвор, согласно член 220 од Законот за извршување на санкции и соодветните одредби од Правилникот за времето што треба да го помине и условите што треба да ги исполни осуденото лице во установа од определен вид или во соодветно одделение на установа од општ вид.
– Имено, моментално Правилникот, иако претставува неутрален пропис, воопшто не се применува на жените кои издржуваат казна затвор од причина што во земјата не постојат установи од полуотворен и отворен вид наменети за жени осуденички каде тие би можеле да бидат упатени на издржување на казната затвор, или во кои подоцна би можеле да прогресираат, како што постојат за мажите – велат оттаму.
Комисијата напомена дека кога станува збор за прогресирање во друга, полиберална установа, истото е оневозможено за жените, од причина што друга установа за издржување казна затвор за жени во државата не постои.