Српскиот метеоролог Иван Ристиќ вели дека Балканот следната недела ќе доживее екстремни горештини, во некои области од овој дел на Европа живата ќе се искачи до 37 степени Целзиусови, а до крајот на месецот може да очекуваме и пеколни 40 степени.
Веќе на почетокот на следната недела ќе го почувствуваме ударот на „Луцифер“, како што го нарекоа антициклонот, кој од Африка се движи кон Балканот, пишува Словенија пост.
На почетокот на следната недела нè очекува топлотен бран со температури од 32 до 37 Целзиусови степени, рече Ристиќ. Тој додаде дека на места каде што има многу влага во воздухот може да очекуваме и невреме.
Според долгорочните прогнози, во јули се очекуваат натпросечни температури, во втората половина од месецот би можеле да надминат 40 степени Целзиусови, а крај на топлотниот бран се очекува кон крајот на месецот.
Синоптичарите на Државниот хидрометеоролошки завод (ДХМЗ) најавуваат и високи температури, а предупредувањето е на сила за голем дел од Хрватска.
Поради топлотниот бран е активиран црвениот метеоаларм за сплитскиот регион. Максималните температури се очекува да достигнат до 33 степени.
„Преземете мерки, се очекуваат екстремно високи температури. Заштитете се себеси, децата и постарите лица. Следете ги советите дадени од надлежните органи. Можни се дефекти на одредени инфраструктури“, советуваат од ДХМЗ.