Во Музејот на современата уметност – Скопје вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложба на дела од уметникот Петар Лубарда. Изложбата е заедничката соработка на министерствата за култура на Црна Гора и Република Северна Македонија, амбасадата на Црна Гора и Музејот на современа уметност – Скопје под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Куратори на изложбата се Благоја Варошанец и Владимир Јанчевски. Соработници на проектот се конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска.
Во годината кога се одбележуваат 60 години од скопскиот земјотрес, на изложбата ќе биде претставен сликарскиот опус на Петар Лубарда, најзначајниот уметник и еден од најистакнатите сликари на територијата на поранешна Југославија од втората половина на 20 век.
Во октомври 1963 година, Петар Лубарда ги подарил сите 26 дела од неговата изложба во Ниш, подоцна изложени и во Скопје, со што тој станал, не само еден од првите, туку и меѓу најголемите дарители на МСУ – Скопје. Музејот во својата колекција има вкупно 52 дела, помеѓу кои 40 слики во техника масло на платно и лесонит, два акварели и десет цртежи кои опфаќаат две и пол децении од кариерата на уметникот (1942-1966).
Изложбата ќе биде отворена до 31 март 2023 година.