Барселона доживеа уште еден удар поврзан со сагата околу регистрацијата на офанзивниот играч за врска Дани Олмо во Ла Лига за вториот дел од сезоната, пренесе „Мундо Депортиво“.
Според каталонското издание, судијата Игнасио Фернандез де Сенеспледа од Комерцијалниот суд број 10 на Барселона денеска го отфрлил барањето на клубот за мерка на претпазливост, со која Олмо ќе може да остане регистриран во Примера до крајот на кампањата. Како што е познато, „блауграните“ имаат рок до 31 декември да го пријават својот играч за втората полусезона. Во спротивно, нема да можат да го користат во шпанската лига до крајот на сезоната 2024/25.
Иако Барса беше непријатно изненадена од судската одлука, тие нема да се откажат и на 30 декември ќе поднесат нова тужба против Ла Лига пред првостепениот суд за да се обидат да го регистрираат шпанскиот репрезентативец. Аргументите на клубот се дека сите прописи околу регистрацијата се неважечки бидејќи се регулирани од тело за кое сметаат дека не е надлежно, имено Делегираната комисија на Ла Лига.
Во меѓувреме, другиот каталонски спортски дневен весник „Спорт“ тврди дека Барселона има план „Б“ во случај на ново одбивање. Во оваа ситуација, оттаму веднаш ќе активираат финансиски лост кој не само што ќе гарантира регистрација на Олмо и Пау Виктор, туку и регистрација на новите договори на Педри и Гави. Станува збор за продажба на правата на ВИП ложите на обновениот „Камп Ноу“. Така клубот ќе добие 120 милиони евра, иако првичниот план беше да се чека летото, кога сумата би можела да порасне на 200 милиони.