Над 50 проценти од лицата со попреченост се изјасниле дека немаат соодветни рампи за пристап, а над 60 проценти изјавиле дека за нив нема специјални паркинзи. Дури 77 проценти од испитаниците кажале дека наидуваат на непристапни ходници, а 75 проценти дека немаат тактилни патеки и пристапни тоалети.
Анкетата со лицата со попреченост е спроведена во рамките на проектот „Алијанса по прашањето хендикеп за развојни и инклузивни реформи во регионот“. Беше презентирана на дебатата, што ја организираше организацијата на лица со попреченост „Полио плус“ за имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп и нејзината хармонизација со македонското законодавство.
Учесниците на дебатата се согласија дека недостигот на пристапност се смета за дискриминација и дека тоа е пречка во достигнувањето еднакви можности и права.
Во врска со остварувањето на правото на пристапност во здравството, 76 проценти од испитаниците со попреченост се изјасниле дека користат придружник при посета на здравствените установи. Само 42 проценти од лицата со физичка и 43 проценти од лицата со интелектуална попреченост одат сами во здравствените установи. Педесет и шест отсто од испитаниците, пак, велат дека немаат пристап до соодветни или разбирливи информации во здравствените установи.
Според Наташа Амдију, стручна соработничка на „Полио плус“, нештата околу правата на луѓето со попреченост се придвижуваат кон подобро, но, тоа оди многу бавно и многу работи стојат во место.
– Имплементацијата на Конвенцијата и подигањето на општествената свест мора да одат заедно. Механизми за спроведување постојат, но малку се спроведуваат – смета Амдију.
Во врска со правото на граѓаните со попреченост да учествуваат во политиката, испитувањата покажуваат дека дел од политичките партии декларативно искажуваат подготвеност да истакнат лице со попреченост на своите избирачки листи, но тоа во практика се избегнува.
Суарет Алишан, долгогодишен гласноговорник и поборник на лицата со попреченост, ги повика македонските власти да ги заштитат лицата со попреченост, со посебна измена во Уставот.