Сериозна е состојбата со Младите во Македонија, кои сè повеќе иднината ја гледаат во други држави, а оваа Влада ги препознава предизвиците и затоа секторот млади го вгради како приоритетна област во Министерството за социјална политика, демографија и млади, за да се подигне нивното значење во општеството, рече денеска министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани.
– Би сакал да се осврнам на едно од последните истражувања на Фондацијата Вестминстер за учеството на младите во социјалниот и политичкиот живот во државата, според кое 62% од младите би се отселиле од Македонија доколку им се пружи шанса. Уште посериозно е дека дури 77% од младите не би се вратиле назад во Македонија доколку се отселат. Фактори кои влијаат на овие нивни одлуки се состојбите во образовниот систем, студентскиот стандард, здравството, како и можностите за вработување. Овие бројки се алармот кој веќе е вклучен. Оваа состојба во која се наоѓа нашата држава е многу сериозна. И наша одговорност како Влада е да преземеме сериозни чекори веднаш, за да го смениме овој негативен тренд – посочи Лимани.
Тој зборуваше на конференцијата за „Од Словенија до Македонија: Синергијата на образованието и бизнисот во Македонија“, во организација на словенечката амбасадата, Македонската студентска организација во Словенија и Друштвото на словенечки и македонски стопанственици. Целта на конференцијата беше на едно место се соберат младите студенти, претставниците на институциите и стопанствениците, за да се слушнат предизвиците и заеднички да се работи на репенијата со кои ќе се подобри демографската слика.
Министерот Лимани посочи дека презентацијата на резултатите од анкетата спроведена од Македонската студентска организација во Словенија и излагањата на студентите од универзитетите во Словенија за тоа како гледаат на можноста да се вратат во својата земја се патоказите кои треба да ги следиме, ако сакаме да постигнеме успех во решавањето на овој предизвик.
– Следењето на овој негативен тренд на заминување на младите од државата и нивно останување во странство, резултираше со креирање на конкретни политики и стимулативни мерки од страна на оваа Влада, која се обврзува да ги реализира по секоја цена. Еден од главните приоритети е отворањето на нови работни места за млади, кое може да се постигне преку поддршка за претприемништвото и стартапите, обезбедување финансиска поддршка и грантови за млади претприемачи, како и обуки и менторски програми за развој на бизнис вештини – рече Лимани.
Како дел од мерките кои ќе ги преземе оваа Влада тој ги посочи и партнерствата со приватниот сектор, поттикнувањето на инвестициите од домашните и странските компании, даночните олеснувања и субвенциите, формирањето на јавно-приватни партнерства за развој на нови проекти, поддршката на новите технологии и иновации и инвестициите во инфраструктурата и услугите во руралните подрачја.
– Сликата на заминување на младите студенти надвор од државата затоа што тука не успеале да се вработат и нивниот потенцијал не бил препознаен, ќе ја замениме со нова слика. Ќе обезбедиме загарантирана понуда за работа за најдобрите студенти. Оваа мерка ќе придонесе кон намалување на невработеноста меѓу младите и ќе помогне во задржување на талентираните луѓе во земјата – посочи Лимани.
Тој ги повика младите луѓе заедно да ги креираат и да ги реализираме идните младински политики.