Согласно Одлуката за усвојување на Програмата на одделението за заштита и влијание на животната средина за 2024 год.на Општина Охрид бр.08-18774/21 од 27.12.2023г, Општина Охрид објавува:
ЛИКОВЕН И ЛИТЕРАТУРЕН КОНКУРС ВО СОРАБОТКА СО ОХРИДСКИТЕ ОСНОВНИ УЧИЛИШТА НА ТЕМА
„СИТЕ НИЈАНСИ НА ЕСЕНТА ВО ПОЛИЊА И ГРАДИНИ ПРЕПОЛНИ СО ПЛОДОВИ И БОИ“
Предмет и цел на конкурсот:
Човештвото се соочува со намалување на зелените површини,а целта на овој проект е унапредување на просторот со зеленило и цветни површини со што ќе се овозможи подобрување на квалитетот на воздухот , подобрување на квалитетот на живот во градските подрачја и унапредување на животната средина.Секоја индивидуа со доволна волја без оглед на возраста може да даде свој придонес во зачувувањето на чиста и здрава животна средина. Од најмали нозе треба да се едуцираме како да штедиме енергија , да ги зачуваме воздухот и водата чисти и да ги штедиме нашите природни ресурси. Затоа секој во својата најблиска околина може да создаде убаво катче исчистено од смет и уредено со зеленило и цвеќиња со што ќе го оплемени просторот, а природата самата во различните годишни времиња ќе создаде прекрасен амбиент. Тоа е темата на годинашниот ликовен и литературен конкурс „СИТЕ НИЈАНСИ НА ЕСЕНТА ВО ПОЛИЊА И ГРАДИНИ ПРЕПОЛНИ СО ПЛОДОВИ И БОИ“
Право на учество
- Овој еко проект е во соработка со основните училишта на територијата на Општина Охрид заради одбележување на Есенската рамноденица – почеток на есента 23-ти септември.
- Право на учество имаат сите деца на возраст од 6 до 14 години, ученици во основните училишта на територијата на Општина Охрид.
- Доставените литературни и ликовни творби треба да содржат еко порака која ќе одговара со темата на овој конкурс „СИТЕ НИЈАНСИ НА ЕСЕНТА ВО ПОЛИЊА И ГРАДИНИ ПРЕПОЛНИ СО ПЛОДОВИ И БОИ “
- Доставените ликовни творби треба да бидат поезија или проза на зададена тема предмет на овој конкурс.
- Ликовните дела треба да се цртежи или предмети изработени од рециклажен материјал (колаж, акварел , предмети и украси од пластика и хартија …..)
- Учесниците на конкурсот се појавуваат под шифра .
- Право на учество имаат оргинални ликовни и литературни творби кои претходно не се објавувани и не учествувале на други конкурси.
Оценувачката комисија нема да ги разгледува оние трудови кои ќе пристигнат по предвидениот рок или не се изработени според условите наведени во конкурсот.
Секое дете на овој конкурс треба да учествува со својот наставник- ментор.
Секое дете има право да учествува со по еден труд ( ликовен или литературен).
Изборот на најдобрите ликовни и литературни творби ќе го изврши жири комисијата за оценување на трудот составена од три члена .
Жири комисијата ќе даде оценка за доставените трудови при што за нејзината работа ќе изготви извештај со листа за наградени ученици.Жири комисијата ќе ги објави резултатите од конкурсот најдоцна во рок од 15 дена од последниот рок за предавање на трудовите.
За резултатите наградените ученици и училишта ќе бидат писмено известени од страна на жири комисијата , а истите ќе бидат објавени на веб страната на Општина Охрид – www.ohrid.gov.mk
Награди:
-
- Прво наградените ученици на ликовниот и литературен конкурс добиваат по 7000,00 денари еднократно
- Второ наградените ученици на ликовниот и литературен конкурс добиваат по 5000,00 денари еднократно
- Трето наградените ученици на ликовниот и литературен конкурс добиваат по 3000,00 денари еднократно
Вкупниот буџет за реализација на проектот ќе изнесува 30.000,000денари
Наградените творби остануваат во сопственост на Општина Охрид.
Права на општината :
- Општина Охрид го задржува правото за свои интерни потреби да ги користи наградените ликовни и литературни трудови за некомерцијални цели.
- Општина Охрид го задржува правото да врши умножување за свои потреби.
Со најдобрите ликовни и литературни трудови ,Општина Охрид ќе организира промоција и изложба како збогатување на културната понуда во градот.
Доставување на трудовите:
Секој учесник својот труд треба да го достави во стандардна хартиена форма во затворен плик на кој на горниот лев агол треба да стои ознаката „не отворај“, а во средината треба да биде назначена точната адреса на примачот со назнака „по конкурс за избор на ликовен и литературен труд“.Надворешноста на пликот не смее да содржи никакви ознаки за испраќачот .Во затворениот плик треба да има уште два затворени запечатени плика, од кои едниот со ознака „вид на творба- ликовен или литературен труд“под шифра и го содржи трудот,а другиот со ознака„податоци“ и истиот содржи податоци за идентификацијата на испраќачот
(име и презиме на ученикот, возраст, адреса на ученикот, името на училиштето, адреса на училиштето и името и презимето на наставникот- менторот)
Адресата на која треба да се достават трудовите е:
ОПШТИНА ОХРИД
Ул. „Димитар Влахов“ бр 57, 6000 Охрид
Со назнака за „за Конкурсот за најдобар ликовен и литературен труд“
Или лично во архивата на Општина Охрид
За дополнителни информации заинтересираните можат да се обратат на тел. 046/262 492, локал 147 секој работен ден од 7.30 до 15.30 часот или во просториите на Општина Охрид.
Рок на доставување на пријавите
- Пријавите по наведениот конкурс да се достават најдоцна до 30.09.2024 год. до 12 часот, во архивата на Општина Охрид
Пријавите за Конкурсот кои нема да бидат доставени во наведениот рок нема да бидат разгледувани.