Лидерите на земјите од Г7 вчера соопштија дека ќе формираат работна група за прашањата на вештачката интелигенција, во рамки на која ќе се разговара за нејзината одговорна употреба и ризиците поврзани со неа, меѓу кои се и дезинформациите.
„Ќе ги задолжиме ресорните министри да го иницираат процесот… со формирање работна група која ќе има интеракција со меѓународните организации и во чии рамки ќе се одржат дискусии за генеративната вештачка интелигенција“, се вели во заедничката декларација на лидерите на Г7, кои одржаа состанок во јапонскиот град Хирошима.
Дискусиите во работната група ќе се фокусираат на „управувањето, заштитата на правата на интелектуална сопственост“ и „одговорното користење“ на новите технологии, како и начините за борба против „манипулирањето со информации“ и против „дезинформациите“.
„Ние сме посветени на промовирање мултилатерални пристапи за создавање норми за вештачка интелигенција, истовремено почитувајќи ги законските рамки“, се вели во декларацијата на лидерите.
„Ја препознаваме важноста на процедурите кои ја поддржуваат транспарентноста, отвореноста, еднаквите процеси, непристрасноста, приватноста и вклученоста, со цел да се промовира одговорното користење на вештачката интелигенција“, истакнаа лидерите.