Имаме ситуација каде што постои консензус за францускиот предлог, но СДСМ преку агенции за пропаганда и ВМРО-ДПМНЕ преку своите променливи ставови, работат на амортизација на ова незадоволство и дополнителна поларизација на нашето општество. Со влезот на ВМРО-ДПМНЕ во Владата, само Левица ќе остане партија што не влегувала и излегувала од владејачкото мнозинство, рече портпаролот на Левица, Амар Мециновиќ, по повод исходот од денешната лидерска средба.
– Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ имаше многу променливи изјави во текот на последната година. Неговите пратеници потпишуваа изјави на нотар, потоа нудеше предвремени избори и да се стават уставните измени во предизборните програми и на крајот неговиот Извршен комитет сабајлево излезе со изјава дека не ги прифаќаат уставните измени под бугарски диктат. Но, тоа е само изјава за членството, кое сепак следи и е свесно за одлуките на раководството. Јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ има улога во исполнувањето на софиската платформа и поткопувањето на принципите на македонската државност. Иако на ВМРО-ДПМНЕ наводно му претставува проблем да биде со ДУИ во Влада, тие совршено функционираат како партнери во Советот на Општина Велес. Така што нејасни се причините за овој политички циркус – истакна Мециновиќ.
Левица истакнува дека не само што е за влез на Македонија во ЕУ, туку и дека има блиски врски и соработка со парламентарната група и политичката партија на европската левица.
– Тие се загрижени за начинот на кој Бугарија се однесува како колонијална сила кон Македонија, но очигледно е дека нашата неспособна дипломатија не може да одговори на овие предизвици – наведе партискиот портпарол.