Македонското археолошко друштво (МАД) и Националниот комитет на Меѓународниот совет за споменици и локалитети-ИКОМОС најавија мирен собир за денеска во 10 часот во паркот „Жена борец“, спроти Собранието, од каде што ќе го искажат својот револт кон предлогот на група пратеници за измени во Законот за заштита на културното наследство, кој е во собраниска процедура по скратена постапка.
Од Македонското археолошко друштво и ИКОМОС апелираа на протестот да им се приклучат претставници од Министерството за култура, од Управата за заштита на културното наследство, од установите за заштита, како и сите засегнати граѓани.
Од МАД и ИКОМОС сметаат дека предложените измени и дополнувања се на штета на културното наследство и тие се направени без консултации и вклучување на стручната и научната јавност, чија професионална дејност е да го истражува и заштитува културното наследство, согласно Уставот и релевантните закони.
Многу реакции имаше вчера во врска со најавата за менување 9 закони по скратена постапка со цел да се овозможи градењето на Коридорот 8 и Коридорот 10д и да ѝ се олеснат условите за работа на компанијата „Бехтел и Енка“.
Измените и дополнувањата на девет закони поврзани со автопатските делници што треба да ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ се на дневен ред на денешната 112-та собраниска седница, која почнува во 11 часот. Сите закони се по скратена постапка, а предлагачи се група пратеници од владејачкото мнозинство.
На дневен ред на седницата се измените и дополнувањата на законите за земјоделско земјиште, за експропријација, за урбанистичко планирање, за градење… Како последна точка на дневниот ред се измените и дополнувањата на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола), по скратена постапка.
Левица вчера реагираше дека со бараните измени на Законот за земјоделско земјиште ќе се одзема земјиште по скратена постапка, дури и таму каде што сопствениците имаат договори со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, долгогодишни насади или други инвестици.
„Потсетуваме дека со коруптивниот Закон за стратешки интерес за изградба на Коридорите 8 и 10, кој се донесе во 2021 година, се овозможи без јавно наддавање изградбата да ја добие корпорацијата ,,Бехтел-Енка“, за која веќе има низа корумпирани скандали при изградбата на автопати во Косово, Албанија, Хрватска и Романија. Најексплицитен е случајот во Хрватска, каде оваа фирма по втор пат се обидела да добие изградба на автопат без тендер, односно со договор во четири очи. Под дипломатски притисок на ЕУ дека ваквиот пристап ќе го загрози евроинтегративниот процес на државата, хрватската влада се откажала од директни преговори“, наведе Левица.