Функционерите веќе примаат плати повисоки за 78 отсто. На нивните сметки за месец април има покачување за околу 1.000 евра.
Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска изјави дека не проверил дали ја примил повсиоката плата, но знае дека сите примиле.
– Јас не одлучив за покачувањето – се обиде тој да се оправда. – Ние работиме на тоа здравствените работници да имаат подобри приходи и за тоа ќе се ангажираме и во иднина. Дали е фер тие да примат покачување од 2.000 денари, а функционерите 78 отсто? Тоа не би го коментирал.
Министерот Меџити не коментира, но затоа наголемо се коментира во сите медицински установи на државното здравство. Додека здравствените работници чекаат владата да го исполни даденото ветување за покачување на платата од 2.000 и 3.000 денари, незадоволството расте.
– Министерствата поделени меѓу ДУИ и СДСМ си ги покачуваат платите, а ние уште не можеме да добиеме 3.000 и 2.000 денари бруто. Разликата што ја направија меѓу специјалист хирург и функционер е 3 спрема 1 во платата. И ова се случува во една ваква сиромашна, социјална држава. Дали ним им треба јавно здравство, во оваа социјална држава каде што 90 проценти од народот се лекува во државните болници на Клиничкиот центар, или да си одиме на приватно? Секој ден лекари и сестри си одат надвор од државата. Треба да се запраша некој кој ќе ги лекува децата. Секој ден педијатрите си одат или во странство или во приватните болници. Фондот има пари, ама само за приватното здравство – остро реагираше претседателот на Синдикатот на Клинички центар и лекар на Клиниката за максилофацијална хирургија, Предраг Серафимовски.
Последните информации од Министерството за здравство се дека информацијата за покачувањето на платата на медицинскиот персонал поминала на 151. седница на владата како заклучок, но дека е условена со мислењата на Фондот за здравство и на Министерството за финансии.
Најголемите синдикати се револтирани, чекајќи нечие мислење за покачување на платата од 2.000 денари месечно, колку што изнесува покачувањето на функционерската дневница.
– Седум месеци нѐ маткаат од министерство до министерство за 3.000 со 2.000 денари и одеднаш тие преку ноќ си ги зголемуваат платите за 78 проценти. Се чувствуваме како ретардирани – вели Стојка Накевска потпретседател на Синдикатот на Клинички центар.
Љубиша Каранфиловски, претседател на Самостојниот синдикат на здравство и фармација, вели:
– Генералниот штрајк ни останува како опција како израз на револт, но се надеваме дека нема да дојде до оваа најрадикална мерка, бидејќи при генерален штрајк трпи третото лице – пациентот.
А вака, во услови на бел штрајк, зарем пациентите не трпат?
Лекарите во државното здравство работат без ентузијазам, во постојани кавги и нервози. Мрчат и на Фејсбук. Некои тоа го нарекуваат „бел штрајк“. А некои, пак, како во онаа народната – колку пари, толку музика.